• Наслов

    КРАТКАТА ПРОЛЕТ НА МОНО САМОНИКОВ

  • Автор

    ДИМИТАР СОЛЕВ

  • Година на издавање

    1964

  • Категорија

    современа книжевност

  • роман

Опис на делото

 КРАТКАТА ПРОЛЕТ НА МОНО САМОНИКОВ (1964), роман на Димитар Солев. За ова дело на авторот му е доделена наградата „11 Октомври“.

Кратката пролет на Моно Самоников претставува непосредно романескно истражување на современата стварност преку проникнување во егзистенцијалните прашања и дилеми околу кои е конструиран главниот лик, кој се соочува со предизвиците на своето време и со средината која го опкружува. Анализирајќи ги главните координати на Моно Самоников во својата анализа на романот, Александар Спасов бележи дека тој е „личност несекојдневна и повеќе од вообичаено сензибилна, суптилно сеизмографски впечатлива за најситните промени и треперења околу себе и истовремено до болезненост втренчена во својата внатрешност, личност урбанизирано невротична и помалу дури противречна, хетерогена и некако анархизирана. Оваа сторија е несомнено сугестивен показ на еден повеќе или помалку среќаван млад претставник на нашево модерно совремје, поточно еден од можните негови видови во калеидоскопската шаренилост и многуобразност на животов среде кој во моментов постоиме“ (Спасов 1977: 333-334). Романот е составен од три дела: „Март во градот“, „Оган и река“ и „Ден за прошка“. Преку дејството кое се развива во нив, доловена е растргнатоста на Моно Самоников од своите противречности: тој едновремено го презира успехот и грчевито се стреми да успее, жедно трага по љубов и едновремено бега од неа во страв дека таа ќе го зароби. Дојден е од помал град во Скопје за да студира, а за да се издржува работи како новинар во дневен весник. Кога е пратен на работна задача надвор од Скопје, да направи репортажа, понесен и замелушен од своите сеќавања додека патува во возот, тој наместо на станицата на која треба да ја оствари својата работна задача, се симнува на станицата каде се одвивало неговото детство во текот на Втората светска војна. Оптоварен е од грижата на совеста поврзана со смртта на неговиот братучед, кон кого чувствувал нетрпеливост затоа што тој бил примен во партизани, и љубомора, затоа што во братучедот била вљубена девојката Нада, која и двајцата ја сакале. Враќајќи се од работното патување без да ја заврши работната обврска, тој своеволно ја напушта работата во весникот, раскинува со својата девојка (која се вика исто како девојката во која и тој и неговиот братучед биле вљубени). Крајот на делото се заокружува со една егзистенцијалистичка запрашаност на главниот лик над суштината на своето „јас“, над нужноста човек да се најде самиот себе и својата суштина. Осврнувајќи се на структурата на делото, Христо Георгиевски пишува дека „почетокот на романот делува како неуверлив синопсис, без творечко вдахновение. Во вториот дел од романот се присутни поинакви тематско-стилски зрачења. Преку симболиката и алегоријата искажана е трагиката на единката. Вториот дел од романот е антитеза на првиот. Солев утврдува роман-есеј, кој во рамките на својата текстура содржи уште доста доволно простор за поголема интелектуална носивост на текстот и поизразита згуснатост“ (Георгиевски 2002: 212).

Во една од првите критики кои се осврнуваат на ова дело, Слободан Мицковиќ се обидува да го антиципира начинот на кој еден ден тоа ќе биде согледувано: „Кратката пролет на Моно Самоников можеби некогаш ќе ја сфаќаме како роман за нашите излишни луѓе“ (Мицковиќ 1964: 306). Романот денес е вреднуван како едно од позначајните прозни остварувања на модернизмот во македонската литература. (Г. С.)

 


Библиографија

Андоновски, Венко. 1997. Структурата на македонскиот реалистичен роман. Скопје: Детска радост; Георгиевски, Христо. 2002. Македонскиот роман 1952 – 2000. Скопје: Матица македонска; Домазетовски, Вецко. 1988. Структуралните специфичности на современиот македонски роман 1952 – 1980. Скопје: Македонска книга. Мицковиќ, Слободан. 1964. „Модерниот комплекс на вината“. Разгледи бр. 3, стр. 303-306; Спасов, Александар. 1977. „Кон прозата на Димитар Солев,“ во: Истражувања и коментари, стр. 329-334. Скопје: Култура.