• Наслов

    ДВОУМЕЊЕ

  • Автор

    ИВА ДАМЈАНОВСКИ

  • Година на издавање

    2020

  • Категорија

    современа книжевност

  • поезија

Опис на делото

 Стихозбирката Двоумење на Ива Дамјановски донесува поезија која има потенцирано музичка подлога. Стихот е минималистички, строго отсечен и со нагласен ритам и интонација, со свежи рими и градирања, повторувања и контрапунктирања, така што експлозивно го привлекува вниманието на читателот, а особено на оној кој ја слуша како сценска изведба. Таа открива карактеристичен поетски хабитус  детски поглед на свет соочен со грдото и злото. Во неа провејуваат чувствата на револт и пркос, но и на надеж и верба во убавината. Поетесата со детско срце пее: „Јас имам многу љубов за овој свет / во кој знам / дека не припаѓам“. Мотивски доминира варирање на симболиката на црвената боја, но не во идеолошка смисла, туку со многу посуптилна заднина. Поетесата не се воздржува да употреби вулгаризми или цинично и саркастично да констатира: „Сите видови се загрозени. / Само Homo Sapiens е грозен“. Во корпусот од триесетина песни што ја сочинуваат Двоумење се среќаваат и доминантно рефлексивни песни поврзани со одредени поетски слики („Зошто умираме“, „Раце“, „Неподносливо лесно“), но, сепак, повеќето песни се изградени врз база на звучно поентирање кое го вознемирува и провоцира читателскиот хоризонт на очекување.   

Стиховите на Дамјановски се едноставни, напишани на обичен јазик, но вовлечени во низи од игри со зборови, во оригинални еуфонични комбинации и звуковни каламбури. Структурите на нејзините песни се цврсти, стамени, како природно достигнати форми. На задната корица од стихозбирката се поместени опсервациите на Јулијана Величковска, која истакнува дека Дамјановски: „пишува со хируршка прецизност, а текстот го третира со војничка дисциплина. Секој звук и секоја тишина во нејзината поезија се пресметани, а зборовите како камчиња за мозаик се одбрани. Секое нивно значење и секоја повеќезначност се намерни“.    

Поезијата на Дамјановски покажува една ненаметлива, непретенциозна, но понекогаш и цинична поврзаност со традицијата кога пее:  „Тоа е нашата современа дилема, да не се биде или да се нема / или да ме снема“, или кога го вметнува во стих „фјодоровото помилување“, како препознатлива книжевна алузија. Во стиховите „Карпата во него / веќе одамна се одронува. / Ноќе / тој прозборува /и додека зазорува /вели дека е уморен. / И будно го чека / новиот ден“ поетесата води творечки дијалог со рациновскиот стих.

Збирката Двоумење е овенчана со престижната награда „Браќа Миладиновци“ на СВП во 2021 г., а нејзината авторка е досега најмладата поетеса која го има добиено ова признание. (С. - С.Е.)


Библиографија

 Стојменска-Елзесер, Соња. 2022. „Портрет на Ива Дамјановски, добитник на наградата ‘Браќа Миладиновци’“ во: Книжевен бинокулар. Скопје: Институт за македонска литература, стр. 179-188.