• Наслов

    ЈАДИЦА

  • Автор

    ВЛАДИМИР ПЛАВЕВСКИ

  • Година на издавање

    2013

  • Категорија

    современа книжевност

  • роман

Опис на делото

За романот Јадица Владимир Плавевски ја има добиено наградата „Роман на годината“ во 2013 година. И овој роман, како повеќето приказни од истиот автор, се врзува за локалитетот Ново Маало, односно за скопската четврт во која е роден и во која израснал тој самиот. Приказната го опфаќа периодот непосредно пред Втората светска војна и децениите што следат по неа и ги отсликува општествените превирања предизвикани од глобалните и локалните промени.
 
Романот се состои од три дела со следните наслови: „Копиле“, „Домец во Асамати“ и „Мијач на мртовци“, кои се обрабени со два куси текста, односно со „Пролог“ и со „Епилог“. Раскажувањето е живо, динамично и возбудливо. Реалистично-фактографскиот стил се доближува до филмска нарација, со перипетии и расплети и со внимателно комбинирање на наративните нишки. Централен лик е Најден Петковиќ, кој како бебе бил фрлен на ѓубриште, па пронајден и одгледан во дом за сирачиња, а потоа и посвоен од еден млад брачен пар – Марко и Зага Дреновски. Во периодот на Информбирото и егејската криза кусата семејна среќа е урнисана од појавата на ликот Цеко – типичен бескрупулозен претставник на морално сомнителни „големци“, кои газат по сè за да ги задоволат своите интереси. Тој „главуч од Водно“ го уништува семејството Дреновски, клеветејќи го Марка за поврзаност со Информбиро. Цеко му ја одзема сопругата на Марко и се сели со неа во Белград, а на Најден му обезбедува работа во погребната служба, која го доведува до лудило. Цеко е убиен за време на риболов како одмазда на Марко. Сите главни ликови завршуваат трагично. Турбуленциите на времето сурово ги уништуваат нивните животи. 
 
Основна проблематика во романот се моралните падови во услови на идеолошки тортури и тоталитарни системи, лицемерија, ниски страсти и предавства. Раскажувањето е традиционално реалистично, со симулација на документарност преку воведување на формата „полициско досие“ и со непродлабочени интроспекции на нараторот Најден.
 
Јадица се движи на тенката граница меѓу литература и фељтон и се вклопува во општата тенденција на Владимир Плавевски како автор да ги освежи и потврди суптилните елементи во колективната меморија. (С. С.-Е.)

Библиографија

 

Бушавиот. 2013. „Романче на годината: За ‘Јадица’ од Владимир Плавевски“, Репер бр. 42 https://reper.net.mk/2014/04/03/romance-na-godinata/ [ пристапено на 28.10.2023];