• Наслов

    СКИЦИ НА БЕЛГРАД (ОЧЕРКИ БЕЛГРАДА)

  • Автор
  • Година на издавање

    1853

  • Категорија
  • дело автор

Опис на делото

Патопис од Константин Петкович, кој долги години работел како руски дипломат на Балканот, и како таков бил во можност да го пропатува сиот Балкан. Во патописот „Скици на Белград“ Петкович ги забележал своите впечатоци од градот, за кои додава дека се добиени од неговиот четиридневенпрестој. Патописот „Очерки Бѣлграда“, за прв пат, на дваесет страници бил објавен во Журналъ министерства народаго просвѣщенiя, частъ LXXIX, 1853, отд. II, стр. 169-188.

Според она што се знае, Петкович во Белград престојувал од 1 до 5 август 1852 г., кога се сретнал и разговарал со службени и приватни лица. Неговите видувања за градот се однесуваат за бројот и составот на жителите на градот, културата, архитектурата, продорот на новите струења наспроти конзервативниот начин на живеење, сокаците, трговските дуќани, облеката, џамиите и единствената црква, воената сила на државата, учебното дело, весниците, литературата итн. На тој начин, со ова дело, „Константин Д. Петковиќ е првиот Македонец кој своите впечатоци од престојот во Белград ги објавил во една солидно компонирана статија (по Петковиќ во Белград ќе престојуваат и други видни македонски интелектуалци, и пред Петковиќ, Џинот, Д. Миладинов, Ѓорѓи Пулевски – да ги споменам некои од најпознатите – но никој не се сетил да ни остави слика за Белград од времето на нивната посета и престој во главниот град на тогашна Србија)“ (Поленаковиќ 1973: 174).

Петкович за Белград од тоа време запишал дека го доживеал како азиски град, особено во стариот дел, со тесни и нечисти улици изградени без никаков ред. Во овој дел имало дури 14 џамии. Таму претежно живееле Турци. Надвор од тврдината се наоѓале црквата, домот на митрополијата, семинаријата, хотел, односно христијанскиот дел. Тој забележал дека особено била убава улицата која се протега од Цариградските порти (Стамбол – капија) – широка, права и мошне долга; тука се наоѓал кнежевскиот дворец, куќата на Книќанин и други куќи на некои од советниците и министрите на кнежевството. Како панславист, Петкович го истакнал силниот дух на овој словенски народ и неговата љубов кон татковината. Знаењето, науката и литературата што произлегле во последните децении, на авторот му укажуваат за просперитетот на младата словенска држава.

Во патописната обработка на Белград, Петкович ја преферирал непосредната и затекната стварност. Кај него сѐ е подложено на информацијата, негов интерес е сето она што се случувало во дадениот миг.

Патописот „Скици за Белград“ од К. Петкович е еден од првите описи на македонски патописец за странска земја, а воедно и еден од најголемите и најдеталните патописи во македонскиот XIX век објавени во списание. 


Библиографија

Поленаковиќ, Харалампие. 1973. Во екот на народното будење. Скопје: Мисла; Тушевски, Ванчо. 2003. Студии за браќата Константин и Андреја Петкович. Том I. Скопје: Менора; Ковилоски, Славчо. 2010. Патописот во македонскиот XIX век. Скопје: Современост.