• Наслов

    ЖИТИЕПИСНИТЕ ТВОРБИ ЗА ПРЕП. ЈОАКИМ ОСОГОВСКИ

  • Автор
  • Година на издавање
  • Категорија
  • житие

Опис на делото

Оригинални хагиографски состави посветени на преподобниот Јоаким Осоговски, монах пустиножител од XI век, со чијшто култ се поврзува и манастирскиот култен облик на Осоговскиот манастир крај Крива Паланка. Најверојатно првичното житие на светителот настанало уште во XII век во неговиот манастир, но до нас не стигнало во тој облик. Житието на Св. Јоаким е познато само во опширна редакција преку најстариот препис од XV век. Кратко (проложно) житие најверојатно постоело, но такво досега не е откриено.

Во зачуваното пространо житие се забележува влијанието на народната традиција, одраз од месните преданија што се однесуваат на бројни случки што се поврзани со манастирското братство и манастирот. Составувачот на житијниот текст за Јоаким Осоговски е анонимен, но употребата на одредена лексика што е поврзана со фолклорни елементи упатува на словенско потекло на авторот. Составувачот на денес познатиот текст веројатно подрака го имал и писмениот извор – постарото житие на пустиножителот Јоаким Осоговски. Житието на Свети Јоаким Осоговски не влегло во корпусот на хагиографските зборници, во кои се вклучуваат житијата од канонски тип. Тоа обично се препишувало во зборниците со творбите посветени на другите локални светители – Јован Рилски, Прохор Пчињски и Гаврил Лесновски.

Житието е познато во неколку преписи. Сите тие произлегуваат од една почетна верзија, настаната веројатно во XIII или во првата половина на XIV век. При натамошното препишување на житието биле внесувани нови епизоди, некои постари се исфрлале, што доведува до извесни разлики меѓу преписите. Ги бележиме следниве преписи од житието на Свети Јоаким Осоговски: 1. Препис на житието и на службата на Јоаким Осоговски од почетокот на XV век, кој се чува во Софија, ЦИАИ, бр. 47 (Синодален препис). Преписот е поместен во т.н. Германски зборник, кој покрај двата состави што се посветени на Јоаким Осоговски содржи уште и служба и житија на Јован Рилски. 2. Препис на житието во Зборник што се чувал во Народната библиотека во Белград под бр. 21, кој изгорел во пожарот на 6 април 1941 година (Белградски препис). Ракописот бил набавен од Скопје, т.е. во Белград го доставил Јордан Хаџи Константинов-Џинот. Од страна на иследувачите на ракописот тој е датиран различно (во периодот од XV до XVII век), а неговот пишување се доведува во врска со книжевниците Георги Граматик и Владислав Граматик. Според овој ракопис, житието првпат е објавено од рускиот научник В. И. Ламански во 1864 г., потоа во 1876 г. од С. Новаковиќ, а најуспешно е изданието од Ј. Иванов. На современ македонски јазик житието го објави В. Антиќ; 3. Препис на житието и служба на светецот направил Теодосиј Леков во 1789 година во Хилендар, според непознат извор. Ракописот денес се чува во Софија, БИА, НБКМ, а е објавен од страна на Е. Узунова во 1996 г.; 4. Најдоцнежен препис на житието на Св. Јоаким Осоговски е од XIX век (1886 г.), а се чува во Бугарскиот историски архив на НБКМ, № 22, а.е. 624 во фондот на Најден Геров. Овој препис произлегува од преписот што е  направен во Хилендар во 1789 година од Теодосиј Леков. Во истата архивска единица на л. 1 се наоѓа и еден цртеж изработен од уметникот Станислав Д. Доспевски, сврзан со Осоговскиот манастир  и со светецот Јоаким Осоговски;  5. Препис на житието и на службата на Св. Јоаким е направен од Д. Маринов и објавен во 1896 и 1900 година. Службата е поместена само во изданието од 1900 година. Всушност, преписот претставува слободен превод на житието. Во појаснувањата кон житието Д. Маринов објаснува дека преписот/преводот е направен според ракописот што го пишувал даскал Стефан Максимов од Кратово на 24 септември 1847 година. Кон крајот на XIX век, ракописот се чувал во ракописната збирка на Скопската митрополија. Денес не е позната судбината на овој ракопис. Зборникот, според податоците што ги дава Д. Маринов, содржел уште житие и служба на Св. Гаврил Лесновски, и служба и житие на Св. Прохор Пчињски. За преписот според кој го направил преводот, Д. Маринов наведува дека се работи за ракопис од XIV век, а главен недостаток на самиот препис е неговиот превод на новобугарски јазик, без да се одреди неговата редакција. 

Во 1912 година во Софија бил направен современ превод на житието на Св. Јоаким Осоговски, печатено во изданието „Канон молебный“, (Софїѫ, Типографїѫ, „Ден“), каде што покрај канонот, е застапено и житието, објавено со  заложбите на Кесариј, игуменот на Осоговскиот манастир. (М. Ј.-Т.)

 

Библиографија

Антиќ, Вера. 1977. Локални хагиографии во Македонија, Скопје: Просветно дело, стр. 21-35; Дроснева, Элка. 1982. „Житие Йоакима Осоговскаго как исторический источник“. Славянское славяноведение, бр. 4, стр. 61-70; Житие преподобнаго и богоноснаго отца нашего Йоакима Осоговскаго или Сарандапорскаго. 1896. Религиозни раскази, кн. 5 и кн.6, София, стр. 146-161, 171-178; Иванов, Йордан. 1931. Български старини из Македония, София: БАН, стр. 404-418;Иванова, Климентина. 1986. Старобългарска литература. Житиеписни творби. София: Български писател, стр. 176-188; Јакимовска-Тошиќ, Маја. 1993. Свети Јоаким Осоговски, Скопје: Култура. ИМЛ, стр. 66-92; Ламанский, И. Владимир. 1864. „В. О славянских рукописях в Белграде, Загребе и Вене“. Записки Императорской академии наук, т. VIII, С. Петербург: Типография Императрской Академии Наук, стр. 123-138; Македонска книжевност IX-XVIII век. 2008. Избор, редакција, предговор, книжевно-историски коментари и белешки Илија Велев. Битола: Микена, стр. 266-28; Маринов, Димитрїи. 1900. Служба преподобнагω отца нашегω Іωакіма Осоговскагω. Срѣдец, стр. 5-39; Миловска, Добрила, Таковски, Јован. 1996. Македонска житијна литература IX-XVIII век, Скопје: Менора, стр. 116-123; Новаковић, Стојан. 1867. „Прилози к историји српске кљижевности“. Гласник Српског ученог друштва књ. 22, стр. 242-264; Узунова, Елена. 1996. „Историята на един новонамерен ръкопис (Хилендарският препис на житието на Йоаким Осоговски- Сарандапорски от 1789 г.)“. Paleobulgarica/Старобългаристика XX, 2, стр. 3-42.