• Наслов

    ЖИТИЕПИСНИТЕ ТВОРБИ ЗА ПРЕП. ПРОХОР ПЧИЊСКИ

  • Автор
  • Година на издавање
  • Категорија
  • житие

Опис на делото

Житиеписните творби за преп. Прохор Пчињскисе поврзани со манастирот „Св. Прохор Пчињски“, култното место на овој светец  пустиножител кој се подвижувал во XI век. Од неговите рани житијни творби денес е позната само една – краткото проложно житие, во препис од последната четвртина на XIII век, во т.н. Норов пролог. Се чува во Москва, ГИМ, во збирката на А. С. Уваров, под бр. 973. Најверојатно овој ракопис настанал во Пчињскиот манастир за потребите на прославата на манастирот. Проложното житие на Св. Прохор Пчињски е многу краток хагиографски текст, најрано сведоштво за воспоставениот култ кон него. Во него нема податоци за ктиторството на византискиот император Роман IV Диоген (1067 – 1071). Веројатно кон крајот на XIV и почетокот на XV век, во житијата посветени на Св. Прохор Пчињски, проникнуваат и легендарни мотиви што се шират под влијание на постари усни преданија за ктиторството на византиските владетели. За жал, од овој период не е зачувана ниту една житијна творба посветена на светецот. Самото сижетно јадро, создадено доста порано (XIV-XV век), влегува во основата на едно народно житие на Прохор Пчињски, како подоцнежна редакција на првобитен средновековен текст, познато само во преписите од крајот на XVIII и почетокот на XIX век. Во прилог на ова оди известувањето што го дава Паисиј Хилендарски во 1762 г. за постоење на постаро житие за Прохор Пчињски во самиот манастир, во кое подробно се опишани подвизите на светецот. Познати се пет текстови од житието за Прохор Пчињски, сите со потекло од XIX век, кои настанале во манастирот: 1. Според преписот на Мартириј Хилендарски, монах во Пчињскиот манастир, од крајот на XVIII или од почетокот на XIX век, а кој се чувал во библиотеката на манастирот, Ј. Х. Васиљевиќ го објавува текстот на житието. Истиот текст од житието го објавил и Ј. Иванов; 2. Во манастирот Прохор Пчињски бил пронајден и препис од Дионисиј Хилендарски од 1851, кој денес се наоѓа во Зборниче, кое се чува во Софија, ЦИАИ, бр. 1183 (идентификуван од И. Велев). Ракописот претходно се чувал во Скопската митрополија; 3. Препис на житието и на службата на Св.Прохор Пчињски е направен од Д. Маринов и објавен е во 1900 година. Во појаснувањата кон житието Д. Маринов објаснува дека преписот/преводот е направен според ракописот што го пишувал даскал Стефан Максимов од Кратово на 24 септември 1847 година врз база на ракопис – предлошка од XIV век. Кон крајот на XIX век, ракописот се чувал во ракописната збирка на Скопската митрополија. Денес не е позната судбината на овој ракопис. Зборникот, според податоците што ги дава Д. Маринов, содржел уште житие и служба на Св. Гаврил Лесновски и служба и житие на Св. Јоаким Осоговски. 4. Во Народната библиотека во Белград се наоѓаат два последователни преписи од житието на Прохор Пчињски од 1827-1828 година (хартија, 60 листа). Оваа Дечанска бележница со двата преписи на житието (едниот е варијанта на краткото житие за Св. Прохор на л. 10а-11б, а другиот препис на житието е на л.11б-20а), се чува под сигн. Рс 263, оп. бр. 104. 5. Текст на житието според препис пронајден во манастирот „Св. Прохор Пчињски“ е печатен во руска црковнословенска редакција, како Белградско издание од 1879 година: „Служба преподобному отцу Прохору Пчинскому“. Житието на светецот е на стр. 33-38. Превод на житието на современ македонски јазик направија В. Стојчевска-Антиќ и Ј. Таковски. (М. Ј.-Т.)


Библиографија

Антиќ, Вера. 1977. Локални хагиографии во Македонија, Скопје: Просветно дело, стр. 36-40; Иванов, Йордан. 1931. Български старини из Македония, София: БАН, стр. 401-404; Иванова, Климентина. 1986. Старобългарска литература. Житиеписни творби. София: Български писател, стр. 176-188; 166-170; История славеноболгарска, собрана и нареждена Паисием иеромонахом в лето 1762. 1914. Съткми за печат по првообраза му Йордан Иванов. София: БАН, стр. 79; Јакимовска-Тошиќ, Маја. 2007. „Култот на Св. Прохор Пчињски и неговиот одраз во ракописната традиција во Македонија“ во: Кирилометодиевски книжевни проекции, Скопје: ИМЛ, стр. 93-105; Македонска книжевност IX-XVIII век. 2008. Избор, редакција, предговор, книжевно-историски коментари и белешки Илија Велев. Битола: Микена, стр. 333-337; Маринов, Димитрїи. 1900. Служба преподобнагω отца нашегω Іωакіма Осоговскагω. Срѣдец, стр. 5-39; Миловска, Добрила, Таковски, Јован. 1996. Македонска житијна литература IX-XVIII век, Скопје: Менотс, стр. 113-116; Хаџи Васиљевић, Јован. 1900. „Свети Прохор Пчињски и његов манастир“. Годишњица Николе Чупића, књ. 20, стр. 66-69; Штављанин-Ђорђевић, Љубица, Гроздановић-Пајић, Мирослава, Цернић, Луција. 1986. Опис ћирилских рукописа Народне библиотеке Србије, књ. 1, Београд: Народна библиотека Србије, стр. 230-231.