• Наслов

    САРАНДАПОРСКИОТ ЛЕТОПИС

  • Автор
  • Година на издавање
  • Категорија
  • летопис

Опис на делото

Ракописен текст од XVI век со потекло од Осоговскиот манастир „Св. Јоаким Осоговски“. Летописот опфаќа неполни 7 листа и претставува дел од поголем ракопис – Служебник со последованија (325 л.), кој датира од првата четвртина на XVI век. Во него има „сказание“ за историските настани од „Адам до денешните времиња“, т.е. до 1510 година, кога бил завршен. Во него се третираат извесни проблеми што се однесуваат на историјата на Осоговскиот манастир, како и на судбината на Јужните Словени од периодот на турското владеење на Балканот. Во летописот е забележан податок за посетата на турскиот султан Мехмед II (1444-1446, 1451-1481) на Осоговскиот манастир во 1463 година по неговото враќање од успешниот поход во Босна. Во 1487/88 година починал сарандапорскиот игумен Арсениј. Во 1491 година стигнал Бајазит (1512-1515) со војската во Македонија и престојувал три месеци во градот „Филипус“, настан што е опишан најподробно во летописот. Ракописот го публикува Ќ. Трухелка, кој смета дека ракописот потекнува од Осоговскиот манастир. Денес се чува во Сараевскиот народен музеј под бр. 9285. (М. Ј.-Т.)


Библиографија

Јакимовска-Тошиќ, Маја. 1997. Свети Јоаким Осоговски. Скопје: Култура-ИМЛ, стр. 36; Стојчевска-Антиќ, Вера, Миловска, Добрила, Јакимовска-Тошиќ, Маја. 2000. Средновековни книжевни жанри. Скопје: ИМЛ, Култура, стр. 211-212; Трухелка, Ћиро. 1894. „Из старих рукописа“. Гласник Земаљског музеја, књ. 6, стр. 461.