• Наслов

    ЛОКВАТА И ВИЊАРИ

  • Автор

    ЛАЗАР ПОП ТРАЈКОВ

  • Година на издавање

    1903/1924

  • Категорија

    преродбенска книжевност

  • дело поема

Опис на делото

Поема од Лазар Поп Трајков, напишана во 1903 г., а првпат објавена во 1924 г. Таа е една од најпознатите македонски поеми од револуционерниот период.

Поемата била напишана на планинскиот масив Берик на 21 јуни 1903 г. и била инспирирана од големата битка што неколку чети на Македонската револуционерна организација ја воделе со турскиот аскер на 30 мај 1903 г. на врвовите Локвата и Вињари во близина на селото Д’мбени, Костурско. Останата во ракопис по прераната смрт на Л. П. Трајков, со насловот „При ‘Локвата и Вињари’“ била објавена во весникот 20 јули од 1924 година. Како „Локвата и Вињари“ е објавена на страниците на списанието Илустрација Илинден во 1929 година. Фрагменти од неа на стандарден македонски јазик или во целост биле објавени од Ангел Динев (Илинденска епопеја, втор дел, 1949), во неколку броја на Нова Македонија (3.12.1961 и др.), целосно од Ташко Саров (Стремеж, 1978), Блаже Конески (Современост, 1979), од Блаже Ристовски во 1980 г., итн. Според Ташко Саров, кој се повикува на спомените на револуционерот Ванчо Прешленов, поемата била напишана на македонски јазик, на костурски дијалект, и била многу поголема отколку што бил објавениот ракопис на бугарски јазик на страниците на списанието Илустрација Илинден од 1929 г. (Саров 2003: 12). Според него, делото зборува за искусен, умешен и талентиран поет.

Во поемата се пее за битката кај планинските врвови во која загинале тринаесетмина македонски револуционери. Таа е составена од 63 катрена, односно 252 стихови, најчесто со вкрстена рима (АБАБ): „Пак доаѓам при вас, о врвови вишни, / по планини жедни, низ безводни спили, / да видам јас скрки и долинки скришни / што крвта ги багри на јунаци мили“. Според повеќе критичари, таа претставува историски документ и потресно лирско сведоштво и означува прослава на херојскиот подвиг на самото бојно поле на тринаесеттемина македонски револуционери. Блаже Конески за неа ќе запише дека станува збор за „еден приповдигнат текст, полн со благороден патос, интониран со свечена романтичарска нота“. Поетот, пак, е означен како „лиричар со епски дух“, кој преку сугестивните слики за свесната саможртва на именуваните јунаци Дичо Антонов и Лаки Поповски, како и низа други македонски револуционери, всушност го олицетворува самиот народ решен „не да се крие“, туку „да се бие“. Според Миодраг Друговац, темелниот принцип на поемата е реализмот во акција: во идејна и во стилско-изразна типичност на формациската определба.

Испеана со лирска напнатост, со реалистичка поетика, но со благ романтичарски патос, благодарение на познавањето на тогашните современи определености во книжевноста, авторот Л. П. Трајков успеал да напише вонвременско дело, добивајќи го, покрај Григор Прличев, епитетот „новиот Хомер“ во македонската книжевност.

Поемата Локвата и Вињари е застапена во повеќе избори и антологии на македонската поезија. Таа го претставува врвот на македонската револуционерна поезија од крајот на XIX и почетокот на XX век. (С. К.)

 

Библиографија

Друговац, Миодраг. 1990. Историја на македонската книжевност, XX век. Скопје: Мисла; Конески, Блаже. 1979. „Коментар кон преводот на поемата на Лазар Поп Трајков“ во: Лазар Поп Трајков. Локвата и Вињари. Скопје: Современост, стр. 5-11; Нинчовска, Мирјана. 2017. Лазар Поп Трајков: 1877 – 1903. Скопје: Филозофски факултет; Ристески, Стојан. 1980. Лазар Поптрајков, илинденски револуционер и поет. Битола: Развиток; Саров, Ташко. 2003. „Лазар Поптрајков“ во: Лазар Поптрајков. Локвата и Вињари. Скопје: Аз-Буки.