• Наслов

    ТАЈНАТА КНИГА НА БОГОМИЛИТЕ

  • Автор
  • Година на издавање
  • Категорија
  • зборник

Опис на делото

Тајната книга на Богомилите позната како Јованово или Лажно евангелие во содржински поглед се определува како вид компилативна творба оформена според традицијата на постарата апокрифна традиција и еретичките компоненти на богомилското движење, настаната кон крајот на XI и почетокот на XII век. Композицијата на Тајната книга упатува на одредени извори што се препознаваат во Толковната Палеја, во апокрифната Книга за Енох, во Откровението на Варух и во канонската Апокалипса. Космогониските поимања на еретиците се предадени низ дијалошка форма, каде што апостолот Јован му поставува прашања на Исус на Тајната вечера, посредно пренесувајќи ги неговите одговори. Во содржински поглед таа ги опишува погледите на богомилите за создавањето на светот и апокалиптичните претстави за крајот на светот, низ дуалистичките поимања за доброто и злото. Досега, во науката познати беа два латински преписи: парискиот и виенскиот, познати под називите Каркасонска верзија од XII век и Виенска верзија од XIV век, како две редакции на текстот. Третиот препис на Тајната книга денес се чува во Dole Муниципална библиотека ms 109, ff. 44-46 и jа претставува т.н. Караксонска редакција на текстот. Тој се наоѓа во ракопис од XV век, од 1455 година. Дело е на препишувачот Веселус де Анхолт. Не е познато потеклото на овој ракопис, но веројатно и тој самиот е препишуван во Архивите на инквизицијата во Караксон, бидејќи оваа збирка содржи документи што припаѓале на овие архиви и што биле вклучени во големата мисија Доат во XVII век. Овој ракопис е откриен од П. А. Донден (P. А. Dondaine). Тој дава опис на ракописот, во кој на л. 44­­-46 се наоѓа препис на Тајната книга. Во 1791 година, Р. П. Беноа објавува печатен текст на Тајната книга. Зачуваните преписи се одликуваат со извесни диференцијации во поглед на подробностите во содржината и во јазикот, што веројатно упатува на податокот дека  потеклото на оригиналот може да се изведе во врска со друго јазично подрачје, и тоа според две одделни верзии.  Карскасонскиот препис е без заглавие, а Виенскиот ракопис содржи наслов кој гласи: "Joannis et Apostoli et Evangelistae Innterrogatio in coena sancta regni coelorum de ordinatione mundi, et de principe et de Adam" („Јован, апостолот и евангелист, поставува прашања на светата вечера, на царството небесно за управувањето на светот, за Седржителот и за Адам“). Досегашните истражувања во науката ја актуелизираат претпоставката дека оригиналниот состав прво бил напишан на старословенски јазик на јужнословенски простор, или на византискогрчки јазик, a дека латинскиот превод произлегол од две преводни предлошки, во периодот од крајот на XI и почетокот на XII век. Во науката, потеклото на Тајната книга се поврзува со јужнословенските средини и со теренот на Македонија, каде што и изворно се ширело богомилското учење. Настанувањето на латинскиот превод се поврзува со мисионерската дејност на епископот Назариј во Ломбардија, со цел да се прошират богомилските идеи сред приврзаниците на катаризмот, кој во 1170 година пред слушателите презентирал дел од нејзината содржина, па се претпоставува дека Тајната книга била преведена на латински јазик кон средината на XII век.

Текстот на Тајната книга преставува инспирација за белетризирана разрабока во современото македонско литературно творештво и во филмската продукција. (М. Ј.-Т.)


Библиографија

Ангелов, Димитър. 1961. БогомилствотовБългария. София: Наука и изкуство, стр. 113; Ангеловска-Панова, Маја. 2004, Богомилството во духовната култура на Македонија. Скопје: Аз-буки и Прилеп: Институт за старословенска култура; Антиќ, Вера. 1977. Низ страниците од јужнословенските книжевности, Скопје: Наша книга, стр. 196; Антолјак, Стејпан. 1985, „Преспански Асамати – утврден град на еретиците кај Езерото во Пелагонија од I крстоносна војна (1096)?“, Средновековна Македонија, Скопје: Мисла, „Гоце Делчев“, стр. 773-787; Benoist, Jean. 1691. Histoire des Albigeoise des Vandoisou Barbets. Paris, p. 283-296; Bozoky, Edina. 1980, Le livre secret des cathares. Interrogatio Iohannis, Apocryphe d'origine bogomile, edition critique, traduction, commentaire. Paris: Beauchense, p. 17-18; Dondaine, Antonie. 1946. Les actes du concile Albigeois de Saint Felix de Caramen, in Miscellanea G. Mercati. Bd. V, Bibl. Apost. Vaticana, Studi e testi 125, Città del Vaticano; Драгојловић, Драгољуб. 1974. „Манихејска Тајна књига у јужнословенској књижевности“. Књижевна историја VI, 23, стр. 509-515; Иванов, Й. 1970. Богомилски книги и легенди, София: Наука и изкуство, стр. 60; Jakimovska-Toshic, Mаја. 2012. „The Fate of the Secret Book between East and West“.Mediolanum: ‘Tera di mezzo’ anche tra est e ovest, 3, Milano: Academia Ambrosiana, Slavica Ambrosina,p. 41-4; Јакимовска-Тошиќ, Маја. 2013. Книжевни и културни модели во македонската средновековна литература. Скопје: ИМЛ, стр. 117-160; Плевнеш, Јордан, Јакимовска-Тошиќ, Маја. 2017. Роман за Тајната книга.LeRomanduLivreSecret. TheNovelabouttheSecretBook. Скопје: Магор; Hamilton Bernard. 1994. „Wisdom from the East: the reception by the Cathar sof Eastern dualist text“ in: Heresy and Literacy, 1000 – 1530,Cambridge: Cambridge University Press, pp. 38-60.