• Наслов

    РАСКАЗ ЗА ПРЕНЕСУВАЊЕ МОШТИТЕ НА СВ. ИЛАРИОН МЕГЛЕНСКИ

  • Автор
  • Година на издавање
  • Категорија
  • расказ

Опис на делото

Книжевен култно-легендарен состав од хагиографскиот жанровски систем, со иста проповедна и поучна намена како и житијата. Го составил анонимен автор во првата половина на XIII век, а по повод пренесувањето на моштите на мегленскиот епископ (1133 – 1142) од Меглен во Трново. Содржината требало да ја поттикне верската импресија за верувањата во чудата на светителските мошти. Во црковниот календар творбата се читала на денот кога се славело пренесувањето на светителските мошти, но и на денот на неговото упокојување. Текстолошката еволуција одразила две редакции. Првата редакција е позната по препис во незачуван ракопис од XIII век, од кого преродбеникот Минко Николов го препишал текстот кој натаму се објавувал во научната литература. Втората редакција се евидентира препишана во Македонскиот стиховен пролог од втората половина на XIV век (Софија, БАН бр. 73), каде што преписот на Расказот ја заменил улогата на непостоечкото кратко житие за св. Иларион Мегленски. До пренесувањето на моштите тој не бил официјално канонизиран за светител, при што не можат да се прифатат претпоставките дека по неговата смрт во 1164 година ученикот Петар составил кратко житие за својот учител. Содржината на Краткиот расказ го опишува пренесувањето на ковчегот со моштите од Меглен во Трново, нивниот пречек од патријархот со епископите и целиот клир, како и оддавањето достојна почит и нивното полагање во црквата „Св. 40 Великомаченици“. Структурата на составот не го следи житиеписното творечко клише, при што се констатира дека тој не претставува кратко житие. Кон крајот на XIV век трновскиот патријарх Ефтимиј составил текстолошко-компилативно пространо Житие за св. Иларион Мегленски, претставувајќи го како одлучен поборник против еретичките учења. Во содржината на двете застапени пренија (полемички трактати) не се застапени оригинални проповеди на светителот, туку се компилираат трансформации од полемичките излагања против ересите на Ефтимиј Зигабен – главно од неговото дело Паноплија догматика. Авторот на Житието му приопштил туѓа догматска артикулација на св. Иларион, веќе актуелна во познатата антиеретичка книжнина. Во содржините доминираат антиеретичките погледи против учењата на манихеите (павликијани) и на ермените (монофизити), а само формално се нагласува потребата за дистанцирање од богомилското движење и учење. (И.В.)


Библиографија

Антиќ, Вера. 1977. „Необјавен текст од Житието на Иларион Мегленски“ во: Годишен зборник на Филолошки факултет, кн. 3. Скопје: Филолошки факултет на Универзитетот „Кирил и Методиј“, стр. 197-206; Велев, Илија. 1997. Кирилометодиевската традиција и континуитет. Скопје: ИМЛ, стр. 226-234; Велев, Илија. 2000. „Едно ново навраќање кон текстуалната типолошка поставеност на хагиографските состави за св. Иларион Мегленски“ во: Мариово и Меглен низ историјата. Скопје: ИНИ, стр. 175-180; Велев, Илија. 2014. Историја на македонската книжевност. т. 1.Средновековна книжевност (IX-XIV век). Скопје: Гирланда, стр. 385-386; Георгиевски, Михајло. 2000. „Македонски светци од Мегленско“ во: Мариово и Меглен низ историјата. Скопје: ИНИ, стр. 167-173; Иванов, Йордан. 1931. Български старини изъ Македония. Второ, допълнено издание. София: Државна печатница, стр. 418-422; Каравеловъ, Любен . 1876. Соколъ. Пловдивъ-Свищов-Солунъ, стр. 139-140; Стојчевска-Антиќ, Вера. 2003. Локални хагиографии во Македонија. Скопје: Просветно дело, стр. 56-58, 178-195; Яцимирский, Александар Й. 1908. „Мелкие тексты и заметки“ во: Известия Oтделения русского языка и словесности Императорской aкадемии наук, II, т. 13. Санкт-Петербург, стр. 149-160.