• Наслов

    РАСКАЗ ЗА РАЗОРУВАЊЕТО НА МАКЕДОНИЈА ОД ТУРЦИТЕ ВО 1371 ГОДИНА

  • Автор

    ИСАИЈА СЕРСКИ

  • Година на издавање
  • Категорија

    средновековна книжевност

  • расказ

Опис на делото

Оригинално книжевно дело на Исаија Серски, запишано како Поговор по завршувањето на неговиот словенски превод на делата на Псевдо-Дионисиј Ареопагит со толкувањата на Максим Исповедник. Записот се стекнал со статус на посебна книжевна творба, која авторот ја пишувал во дводелна форма на подолг филолошки и летописен состав: 1. Искуствата од личната книжевно-преводна постапка како своевидна историја на словенскиот превод, со примеси и на теорија на преводот; 2. Книжевно-летописно изворно сведоштво за последиците од жестокиот пораз и загинувањето на македонските локални владетели Јован Углеша и Димитриј Волкашин при Маричката битка во 1371 година.  Филолошкиот дел го одразува авторското сфаќање за словенскиот книжевен превод во богословскиот и во книжевниот творечки процес, со напомени за напорите доследно да се преведат теолошко-мистичните дела на Псевдо-Дионисиј Ареопагит. Се нагласува актуелната тенденција за поверодостојно пренесување на византискогрчкиот јазичен и книжевен оригинал, како и за прецизното идејно следење на исихастичкиот мистичен експресионизам. Затоа се истакнува потребата да се одберат правилните значења на зборовите, начините на пренесувања на грчките зборови, гласовната (фонолошката) изнијансираност на туѓите зборови наспрема словенските во етимологијата и во семантиката – карактеристични за стилот „плетение словес“, итн. Крајот на овој содржински дел е пишуван и како своевидно пофално слово за иницијаторот на преводот  –  серскиот митрополит Теодосиј, но и за самиот Ареопагит. Во продолжение летописниот книжевен расказ е пишуван во форма на сведоштво за актуелен историски настан, опишуван од директен современик близок до црковниот и владетелски круг на самостојната Серска држава во Македонија. Пошироко во научното проследување записот се приопштува и под насловот Расказ за разорувањето на Македонија од Турците во 1371 година. Летописно-книжевниот запис не врши дескриптивно документирање на фактографијата, туку во содржината се истакнува книжевнотворечкиот однос кон темите за страдањата и за последиците од воениот пораз – следејќи го авторското клише на византиските историографски писатели и хроничари. Доминира профинетиот хагиографски стил: трафаретни изрази, како и стилски фигури од псалтирски тип – синоними, споредби, контрасти, метонимии и сл. Во евидентираните околу 25 зачувани преписи од словенскиот превод на зборникот со словата на Псевдо-Дионисиј Ареопагит овој оригинален книжевно-летописен состав главно се евидентира како Поговор (односно, Послесловие), но во некои ракописи истиот препишан запис се среќава и како своевиден Предговор. (И.В.)

 


Библиографија

Ангелов, Боню. 1967. Из старата българска, руска и сръбска литература. кн. 2. София: БАН, стр. 148-161; Велев, Илија. 1996. Македонскиот книжевен XIV век. Скопје: Веда, стр. 362-364; Велев, Илија. 2014. Историја на македонската книжевност. т. 1.Средновековна книжевност (IX-XIV век). Скопје: Гирланда, стр. 431-433; Велев, Илија. 2022. „Книжевно-летописното сведоштво на Исаија Серски за Маричката битка во 1371“. Спектар, бр. 79, стр. 75-101; Георгиевски, Михајло. 1976. „Исаија Серски и неговиот историско-литературен расказ за преведувањето на богослужбените книги од грчки на словенски и за поробувањето на Македонија од Турците во 1371 година“. Современост, бр. 4-5, стр. 195-204; Георгиевски, Михајло. 1997. Прилози од старата македонска книжевност и култура. Скопје: Менора; Прилеп: Институт за старословенска култура, стр. 21-27; Македонска книжевност IX-XVIII век. Избор, редакција, предговор, книжевно-историски коментари и белешки Илија Велев. Битола: Микена, стр. 250-253; Поп-Атанасов, Ѓорги, Илија Велев и Маја Јакимовска-Тошиќ. 2004. Творци на македонската литература (IX-XVIII век). Скопје: ИМЛ, стр. 250-253; Трифуновић, Ђорђе. 1980. Писац и преводилац инок Исаија. Крушевац: Багдала.