• Наслов

    АЛЕКСАНДРИДА

  • Автор
  • Година на издавање
  • Категорија
  • роман

Опис на делото

Средновековна словенска преводна варијанта од византиската христијанизирана редакција на Романот за Александар Велики – Македонски. Жанровски се типологизирала како историографско-херојски белетризирано дело со структурна поставеност на роман – биографија. Повеќе од два милениуми текстолошката генеза со развојна еволуција ја ширела вечната слава за животот и за воените подвизи на најголемиот војсководач и освојувач во светската историја Александар III Македонски (336 – 323 година пр.н.е.). Настапувањето на христијанството како религија, цивилизација и култура во почетокот на IV век поттикнало раслојување на историската фантастика и на митската експресија за светскиот војсководач од предвизантискиот александриски текстолошки протограф, приспособувајќи ја белетризираната содржина кон христијанските погледи на светот. Дошло до раслојување на античката творечка основа во две типологизирани структурни редакции: историско-летописна Хронографија и белетризирана Александрида. Двете книжевни форми со мотивот за Александар еднакво станале предмет и на старословенските преводи во средновековните јужнословенски книжевни традиции, како и во руската. Словенскиот превод на Хронографијата за Александар Македонски во македонската книжевна традиција заживеал преку образецот на византиските хроники, а преводот на белетризираната творба Александрида посредно проникнал од текстолошката еволуција на римолатинскиот превод на Романот за Александар Македонски – извршен уште во 338 година од Јулиј Валериј. Се смета дека првата словенска редакција на Романот настанала во X-XI век со извесни дополнувања на преведувачот од Хрониката на Георги Амартол. Јужнословенскиот превод бил пренесен во руската книжевна традиција, каде што послужил како основа за настанување на втората словенска редакција. При глобалните цивилизациски премостувања кон крајот на XIII и почетокот на XIV век настанала третата словенска редакција, во истражувањата позната како Александрида. До неодамна присрасните истражувања во бугаристиката и во србистиката успееја да ги наметнат проромантичарските рецидиви дека првиот словенски превод бил „бугарски“, а третиот „српски“ – при што и преводот беше именуван како „Српска Александрида“. Ваквата произволна атрибуција претставува „научна апстракција“ без доволна податливост и без суштинска изворна основа. Во словенската преводна редакција од X до XI век не можат да се издвојат јасни карактеристики типични за бугарскиот Преславски книжевен центар, а во најстариот зачуван безјусов препис на Александридата постојат примеси од јусов правопис кои упатуваат дека се препишувал од македонска предлошка. Словенската Александрида трпела заедничка текстуална и структурна еволуција во јужнословенските книжевноисториски традиции, па следствено таа претставувала општословенски и општобалкански книжевен феномен – со еднакво творечко напластување во нивните книжевни и скрипторски центри. Наизменично и локалните традиции успевале да се пробиваат во поединечните јужнословенски преводи и преписи. Во некои се проширувале содржинските слоеви, а во други доаѓало до скратувања или до синтези на опишуваните настани од прототиповите. Типологизацијата на словенската Александрида била последица од засилениот интерес кон историските настани и кон воените подвизи на големите војсководители. Во ликот на Александар Велики се идентификувал новиот профил на владетелот – освојувач и витез. Но влијанието на мистичниот експресионизам предизвикало во историската основа на Романот мотивски да се испреплетуваат фантастични настани и доживувања, надградени со егзотика, библиски преданија и соновиденија. Впечатлива е уште романтичарската и витешката мелодрама повеќеслојно напластена во мотивите со љубовни реминисценции, мистификација на природните реткости и со магичниот реализам проткаен од раѓањето, животот и сѐ до описот на смртта на Александар. Белетристичката егзистенција на старословенскиот превод ја доживувала глобалната творечка логика, при што и во основните текстови на преписите се рефлектирала содржинската трансмисија на византиската христијанизирана и на западнолатинската витешко-рицарска редакција. Преписите се застапувале интегрално во историско-летописните творби и во антологиските зборници со мешовита содржина, но во книжевната традиција се приопштувале и како самостојна книга. Во истражувањата се евидентираат околу 350 словенски преписи од Александридата, а поголемиот број се од руска или украинска провениенција. Зачувани преписи се евидентираат и во македонското ракописно книжевно наследство, преку кое белетризираната творба стекнала забележителен одраз во просветителскиот и во преродбенскиот македонски книжевноисториски развој меѓу XV и XIX век. Фантастичните епизоди во Романот придонеле дел од мотивите да доживеат трансмисија и во македонското народно творештво. Сите фази од историската еволуција на Романот за Александар Велики  –  Македонски творечки се основоположувале и културолошки се напластувале во доживувањата на етногеографскиот простор на Македонија, но и во македонскиот културноисториски контекст: како традиција и современост. (И.В.)


Библиографија

Александрида. 2001. Редакција, превод и поговор Димитар Пандев. Охрид: Macedonia Prima; Антиќ, Вера. 1976. Од средновековната книжевност. Скопје: Македонска книга, стр. 157-163; Велев, Илија. 1996. Македонскиот книжевен XIV век. Скопје: Веда, стр. 274-276; Велев, Илија. 2014. Историја на македонската книжевност. т. 1.Средновековна книжевност (IX-XIV век). Скопје: Гирланда, стр. 390-394; Велев, Илија. 2014. Хронографијата и Романот за Александар Велики – Македонски. Скопје: И. Велев; Велев, Илија. 2021. Погледи кон македонската културноисториска традиција. Скопје: ИМЛ, стр. 264-278; Вражиновски, Танас. 1992. Македонски историски преданија. Скопје: Матица македонска, Прилеп: Институт за старословенска култура, стр. 15-33; Истрин, Виктор. 1893. Александрия русских хронографов. Исследование и текст. Москва: Университетская типография; Јакимовска-Тошиќ, Маја. 2013. Книжевни и културни модели во македонската средновековна литература. Скопје: ИМЛ, стр. 27-44; Јакимовска-Тошиќ, Маја. 2001. Македонската книжевност во XV век. Скопје: ИМК, 258-264; Йонова, Майя. 1992. Белетристиката в системата на старата българска литература. София: УИ "Св. Климент Охридски", стр. 103-150; Конески, Блаже. 1992. „Еден мотив од Александрида“. Спектар, бр. 17, стр. 5-7. Костюхин, Евгений. А. 1972. Александр Македонский в литературной и фольклорной традиции. Москва: Рипол Классик; Македонска Александрида. 2005. Подготовка и транслитерација Блаже Ристовски и Билјана Ристовска-Јосифовска. Скопје: ИНИ; Куманово: Македонска ризница; Маринковић, Радмила. 1969. Српска Александрида. Историја основног текста. Београд: Филолошки факултет; Младеновска-Ристовска, Катерина. 2011. „Александридата во македонската и во хрватската традиција“ во: Hrvatsko-makedonske književne, jezične i kulturne veze. Zbornik radova, knj. 3. Rijeka, стр. 423-431; Претскажувањето на Голем Александар. 1996. Приредила Вера Стојчевска-Антиќ. Скопје: Зумпрес; Софијска илустрована Александрида. Софийска илюстрирана Александрия. 1987. Фототипно издание. Белград: Народна библиотека Србије; Стојчевска-Антиќ, Вера. 2012. Александар Македонски историја и мит. Скопје: Култура; Стојчевска-Антиќ, Вера. 1988. Пораки од дамнина. Скопје: Наша книга, стр. 266-273.