• Наслов

    ВЕЛЕШКИ ЗБОРНИК

  • Автор
  • Година на издавање
  • Категорија
  • зборник

Опис на делото

Средновековен книжевен ракопис пишуван кон крајот на XV или почетокот на XVI век. Содржи 116 хартиени листови напишани со кирилско старословенско писмо од двајца книжевници. Овој подврзан кодекс се состои од два основни дела ‒ едниот напишан кон крајот на XV, а другиот во XVI век и уште еден дел од XVIII век додаден при подврзувањето на ракописот. Според содржинската структура претставува зборник со мешана содржина. Првиот дел од ракописот содржи голем број слави за избрани празници, меѓу кои и слава за Св. Прохор Пчињски, тропари, кондаци, молитви и месецослов во вид на краток календар. Вториот дел од ракописот претставува фрагмент од зборник со антологиска содржина во кој се наоѓаат: делови од Громовник, потоа фрагмент од апокрифниот расказ „Одење на Богородица по маките“, расказот за „Св. Агапиј“, скратена верзија на приказната за  „Тројанската војна“ ‒ насловена како „Александар од Тројада“, „Стариот Александар“, „Дванаесетте петоци“ и делови од „Разумникот“ со прашања за трите царства, за правоверните, полуверните и неверните, за трите книги и делови од „Беседата на тројцата светители“. Во содржината се забележува нова тенденција на адаптација на библискиот текст кон поширокиот аудиториум. Карактеристично за овој зборник е тоа што апокрифните текстови се комбинирани и со текстови од типот на требник. На маргините од листовите се наоѓаат повеќе записи преку кои се добиваат информации за судбината на ракописот и за неговите сопственици низ вековите. Овој ракопис со потекло од Велес, се чува во Народната библиотека „Св. Кирил и Методиј“ во Софија, сигн. № 45, Цонев II 667. (С. П.-Ѓ.)


Библиографија

Велев, Илија. 1992. „Средновековната скрипторско-библиотекарска традиција во Велес и велешко“ во: Библиотекарството во Велес и Велешко, стр. 30–35. Титов Велес: Друштво за наука и уметност; Велев, Илија. 2000. Средновековни книжевни антологии: ракописните антологиски зборници во македонската книжевна традиција. Скопје: Менора; Јакимовска-Тошиќ, Маја. 2001. Македонската книжевност во XV век. Скопје: ИМЛ; Јакимовска-Тошиќ, Маја. 2013. Книжевни и културни модели во македонската средновековна литература. Скопје: ИМЛ; Стојчевска-Антиќ, Вера. 1992. „Кон велешкото ракописно наследство“ во: IV научен собир- Библиотекарството во Велес и Велешко. Титов Велес: Друштво за наука и уметност, стр. 24-30.