• Наслов

    ВРАНЕШНИЧКИ АПОСТОЛ

  • Автор
  • Година на издавање
  • Категорија
  • библиски текст

Опис на делото

Одломка од поголем кирилски ракопис пишуван во втората половина на XIII век. Содржи 26 пергаментни листови напишани со кирилско старословенско писмо. Пишуван е некаде во северна Македонија во рамките на Лесновскиот книжевен центар. Овој ракопис е еден од ретките претставници на апостолите од првата редакција со целосен текст. Во содржинската структура го содржел целосниот текст на апостолот во кој со посебни ознаки се посочуваат четивата во него. Текстот во зачуваниот дел од ракописот започнува на л.1 об. со апостолските дејанија за Велигден, при што се редат четива до понеделникот на шестата недела (гл. XVII ст. 15 од апостолските дејанија). На маргините се наоѓаат забелешки во врска со зачалата и деновите во кои се читаат четивата. На дното на првата неиспишана страница се наоѓа запис на руски јазик во кој се даваат податоци за неговото потекло: „Присланая попъ Јованомъ изъ села Вранешница“, а под овој запис се наоѓа запис во кој е запишано „Bitolija, Zapadna Maćedonija (praxapostolar)“. Вранешничкиот апостол е именуван според селото Вранешница, Кичевско од каде што потекнува. Се чува во Архивот на Хрватската академија на науките и уметностите во Загреб, сигн. III а 48. (С. П.-Ѓ.)


Библиографија

Конески, Блаже. 1956. Вранешнички апостол. Стари текстови II. Скопје: ИМЈ „Крсте Мисирков“; Конески, Блаже. 2020. „Кирилометодиевската традиција од IX до XIX век“ во: Прилози за јазикот и културата од кирилометодиевскиот и црковнословенскиот период. прир. Красимира Илиевска. Скопје: МАНУ, стр. 135-224; Макаријоска, Лилјана. 2012. „Лексиката на Вранешничкиот апостол во однос на другите македонски апостоли“ во: Меѓународен симпозиум Блаже Конески и македонскиот јазик, литература и култура. Скопје: Филолошки факултет „Блаже Конески", стр. 81–103; Мошин, А. Владимир. 1993. „Славянские рукописи в Македонии“ во: Труды Отдела древнерусской литературы, том 47. Санкт-Петербург: Наука, стр. 409-422; Угринова-Скаловска, Радмила. 1970. „Траги од глаголската писмена традиција во македонските кирилски текстови од 12 и 13 век“ во: Годишен зборник на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Скопје, бр. 22, стр. 572-580.