• Наслов

    ГРИГОРОВИЧЕВ ПАРИМЕЈНИК

  • Автор
  • Година на издавање
  • Категорија
  • зборник

Опис на делото

Средновековен книжевен ракопис пишуван во почетокот на XII век. Најстар препис на словенскиот превод на паримејникот којшто е значаен извор за проучување на најстариот словенски паримејник, преведен уште во Велика Моравија. Содржи 104 пергаментни листови напишани со кирилско старословенско писмо. Овој ракопис е палимпсест и на некои места е читлив првобитниот текст којшто претставува византиско апракосно евангелие од X век. Настанувањето овој ракопис, според јазичните особености,  се лоцира во регионот на Јужна Македонија, во рамките на Охридската книжевна школа. Григоровичевиот паримејник содржи паримејни четива за Раѓањето на Христос и Богојавление, потоа четива за времето на Великиот пост, за периодот на цветниот триод, како и за одделни празници од месецословот. Помеѓу некои паримии се јавуваат и упатства од типикот за извршување на црковната служба, прокимени ‒ стихови од псалмите што се кажуваат за време на црковната служба пред да се чита евангелието, апостолот или некоја паримија и сл. Текстот започнува со Првата книга Мојсиева, а завршува со Книгата на премудроста Соломонова (11:15). Откриен е во 1844 г. од страна на Виктор И. Григорович, во трпезаријата на Хилендарскиот манастир. Според името на неговиот пронаоѓач ракописот е познат како Григоровичев, а поретко се среќава и под името Хилендарски паримејник. Ракописот се чува во Руската државна библиотека во збирката на Григоровичевиот фонд 87, сигн.  № 2, а претходно се чувал во Музејската збирка (ф. 178), сигн. № 1685.  (С. П.-Ѓ.)


Библиографија

Поп-Атанасов, Ѓорги. 2019. „Македонското книжевно наследство во московскиот дел од ракописната збирка на Виктор Григорович“. Прилози ‒ Одделение за лингвистика и литературна наука. Скопје: МАНУ. бр. 43, стр. 27-110; Рибарова, Зденка. 1991. „Основни правописни и фонетски особености на Григоровичевиот паримејник“ во: Македонските дијалекти во Егејска Македонија: Научен собир. Скопје: МАНУ, стр. 93-99; Рибарова, Зденка и Зое Хауптова. 1998. Григоровичев паримејник. Текст со критички апарат, т. 1. Скопје: МАНУ, Магнат; Рибарова, Зденка и Зое Хауптова. 2014. Григоровичев паримејник. т. 1. Лексика. Index verborum. Скопје: МАНУ, Графотисок.