• Наслов

    ГРИГОРОВИЧЕВО ЕВАНГЕЛИЕ

  • Автор
  • Година на издавање
  • Категорија
  • библиски текст

Опис на делото

Средновековен книжевен ракопис пишуван во почетокот на XIV век (1301-1307 г.). Содржи 58 листови напишани со кирилско старословенско писмо од глаголска предлошка ‒ 38 пергаментни и 20 со текст пишуван врз бомбицина. Во пишувањето учествувале еден главен пишувач и тројца помошници. Според правописните и јазичните особености се констатира дека ракописот е произлезен во рамките на Охридската книжевна школа. Според содржинската структура претставува полно апракосно евангелие од посебен тип, слично на српското Мирославово евангелие. Структурата на текстот е архаична, при што има поделба на Амониевите глави, а се присутни и Еузбиеви канони. Вклучени се евангелски читања за сите денови од неделата, од средата во третата недела од Педесетницата до четвртокот од третата недела. Ракописот е пронајден од Виктор Григорович и се чува во неговата збирка во Руската државна библиотека, ф. 87, сигн. 9. (С. П.-Ѓ.)


Библиографија

Велев, Илија. 2014. Историја на македонската книжевност.Средновековна книжевност (IX - XIV век). т. 1. Скопје: Гирланда; Десподова, Вангелија. 1988. Григоровичево евангелие бр. 9. Прилеп: Институт за истражување на старословенската култура; Десподова, Вангелија и Славева, Лидија . 1988. Македонски средновековни ракописи. т. 1. Прилеп: Институт за истражување на старословенската култура; Поп-Атанасов, Ѓорги. 2017. Словенски ракописи од Македонија во странски ракописни збирки: X-XIX век, кн. 1, Археографски опис. Скопје: МАНУ, Кочани: Европа 92; Поп-Атанасов, Ѓорги. 2019. „Македонското книжевно наследство во московскиот дел од ракописната збирка на Виктор Григорович“. Прилози ‒ Одделение за лингвистика и литературна наука, бр. 43, стр. 27-110.