• Наслов

    ДОБРЕЈШОВО ЕВАНГЕЛИЕ

  • Автор
  • Година на издавање
  • Категорија
  • библиски текст

Опис на делото

Средновековен книжевен ракопис пишуван кон крајот на XII или почетокот на XIII век. Содржи 175 пергаментни листови напишани со кирилско старословенско писмо. Како можни пишувачи на ракописот се откриваат тројца книжевници. Основниот дел го пишувал поп Добрејшо, а како можни учесници во пишувањто се и Стрезо „од Марково“ и В’лчо, но не се исклучува можноста Стрезо да го напишал само записот во кој се споменува неговото име, а В’лчо да бил задолжен за илуминацијата на ракописот. Според правописните и јазичните особености се констатира дека ракописот е произлезен од Кратовската книжевна школа. Според содржинската структура претставува четвороевангелие со синаксар. Евангелскиот дел (л.1-л.120 об.), поради изгубените почетни листови, во денешниот облик започнува со четивото по Матеј 10:26, а завршува со Јован 21:25. По евангелските текстови, од л. 121 до л. 127 об. следува непотполн синаксар. Во Добрејшовото евангелие се наоѓаат повеќе записи ‒ од периодот на пишувањето на ракописот се записите на поп Добрејшо, В’лчо, Стрезо, понатаму следува запис од Григориј Иванович од Тулча запишан во 1898 г., а од поново време е и записот во кој е одбележана годината 1221, за која некои автори претпоставуваат дека е препишана од постар евангелски запис. Еден од записите во ракописот, од 1898 г. открива дека ракописот се наоѓал во Тулча, а претходно во Одрин. Поголемиот дел од ракописот (127 л.), којшто е зачуван до денес, се наоѓа во Народната библиотека „Св. Кирил и Методиј“ во Софија, сигн. № 17, а другиот дел (48 л.) од ракописот се наоѓал во Белградската народна библиотека, сигн. № 35/214. Белградскиот дел на ракописот пострадал при бомбардирањето на Белград во април 1941 г.  (С. П.-Ѓ.)


Библиографија

Воскресенский, Георгий. 1882. Славянские рукописи хранящихся в заграничных библиотеках: Берлинской, Пражской, венской, люблянской, загребской и двух белградских. Санкт-Петербург: Императорской Академии наук; Десподова, Вангелија и Славева, Лидија . 1988. Македонски средновековни ракописи. т. 1.Прилеп: Институт за истражување на старословенската култура; Конески, Блаже. 2020. „Кирилометодиевската традиција од IX до XIX век“. Прилози за јазикот и културата од кирилометодиевскиот и црковнословенскиот период. прир. Красимира Илиевска. Скопје: МАНУ; Поп-Атанасов, Ѓорги. 2017. Словенски ракописи од Македонија во странски ракописни збирки: X-XIX век, кн. 1, Археографски опис. Скопје: МАНУ, Кочани: Европа 92; Цонев, Беньо. 1906. Добрейшово четвероевангелие – среднобългарски паметник от XIII век. Български старини, т. 1. София.