• Наслов

    ЗОГРАФСКО ЕВАНГЕЛИЕ

  • Автор
  • Година на издавање
  • Категорија
  • библиски текст

Опис на делото

Средновековен книжевен ракопис пишуван кон крајот на X или почетокот на XI век. Содржи 304 пергаментни листови напишани со глаголско писмо од кои л. 2 ‒ 40, и л. 58 ‒ 288 се напишани на крајот од X или почетокот на XI век, додека во XII век биле надополнети листовите кои веројатно во меѓувреме се изгубиле (л. 42 ‒ 57) со палимпсестни листови од постаро глаголско евангелие од X век. Кон крајот на XIII век е додаден третиот дел од ракописот (л. 289 ‒ 304), синаксар, напишан со кирилско старословенско писмо. Ракописот е составен од четворица книжевници ‒ двајца што пишувале на глаголица, од кои едниот го пишувал основниот дел од ракописот, а другиот додадениот палимпсестов дел и двајца што пишувале на кирилица од кои едниот го пишувал синаксарот, а другиот кирилските записи во глаголскиот дел од ракописот. Според правописните и јазичните особености се констатира дека ракописот е произлезен од Охридската книжевна школа. Според содржинската структура претставува четвороевангелие ‒ го содржи целосниот текст на четирите канонски евангелија. Почетокот на ракописот е изгубен, поради што евангелето според Матеј (л. 2 ‒ 76 об.) не е целосно, потоа следува евангелието според Марко (л. 77 ‒ 128 об.), евангелието според Лука (л. 129 ‒ 224 об.) и на крај евангелието според Јован (л. 225 ‒ 288 об.). По четирите евангелија следуваат синаксар (л. 289 ‒ 299 об.) и Месецослов (л. 299 об. ‒ 304 об.). Откриен е во 1843 г. во Зографскиот манастир на Атос од страна на австрискиот конзул во Солун, Антун Михановиќ, според што го добил името. Монашкото братство од манастирот преку Петар Севастјанов му го испратиле ракописот на рускиот император Александар II ‒ податок засведочен преку лист од хартија во почетокот на ракописот. Евангелието било предадено во Императорската народна библиотека во Санкт Петербург (денес, Руска национална библиотека), каде што се чува под сигнатура Глаг. 1. (С. П.-Ѓ.)


Библиографија

Велев, Илија, Макаријоска, Лилјана, Црвенковска, Емилија. 2008. Македонски споменици со глаголско и со кирилско писмо. Скопје: ИМЈ „Крсте Мисирков", Штип : 2-ри Август С; Десподова, Вангелија и Славева, Лидија . 1988. Македонски средновековни ракописи. т. 1. Прилеп: Институт за истражување на старословенската култура; Jagić, Vatroslav. 1879. Зографское евангелiе. Quattuor evangeliorum Codex glagoliticus olim Zographensis nunc Petropolitanus: characteribus cyrillicis transcriptum notis criticis prolegomenis appendicibus auctum : adiuvante summi ministerii Borussici liberalitate- accedunt speciminum scripturae glagoliticae tabulae tres. Berolini: Apud Weidmannos: typis Breitkopfii et Härtelii; Јакимовска-Тошиќ, Маја. 1997. „Миграција на македонската ракописна книга кон руските предели“ во: Книжевни истражувања. Скопје: ИМЛ, Менора, стр.41–57; Поп-Атанасов, Ѓорги. 2017. Словенски ракописи од Македонија во странски ракописни збирки: X-XIX век, кн. 1, Археографски опис. Скопје: МАНУ, Кочани: Европа 92; Срезневский, Измаил. 1856. „Известие о глаголическом четвероевангелии Зографского монастыря“. Известия Отделения русского языка и словесности. т. 4. Санкт-Петербург: Санкт Петербургской Академии наук, стр. 369-377.