• Наслов

    КАРПИНСКО ЕВАНГЕЛИЕ И АПОСТОЛ СО ОКТОИХ

  • Автор
  • Година на издавање
  • Категорија
  • библиски текст

Опис на делото

Средновековен книжевен ракопис пишуван кон крајот на XIII и почетокот на XIV век. Кодекс од два средновековни книжевни ракописи во иста подврзија. Евангелието е пишувано во XIII, а апостолот и октоихот во XIV век. Содржи 313 пергаментни листови (168 л. Евангелието, 134 л. Апостолот и 11 л. Октоихот) напишани со кирилско старословенско писмо од четворица книжевници. Според правописните и јазичните особености се констатира дека ракописот е произлезен од Кратовската книжевна школа, пишуван врз основа на предлошка од југоисточните македонски краишта. Евангелскиот дел од ракописот е мошне значаен за проследување на развојот на словенскиот превод на евангелието. Според содржинската структура евангелскиот дел е полн апракос од првата редакција. Содржи евангелски четива за сите денови во годината и синаксар. Ракописот почнува со Велигденските четива, следуваат евангелските четива за Педесетницата, четива по новото лето, четива за Месопусната недела, четива за Сиропусната недела, четива од постот, четива од Цветната недела и четива од страсните евангелија. Апостолскиот дел од ракописот претставува изборен, односно праксапостол што содржи избор четива од полниот текст на апостолот што се наменети за богослужбени цели. Во ракописот се наоѓаат повеќе податливи записи. На л. 302 се наоѓа запис во кој се споменува подарувањето на ракописот на Карпинскиот манастир „Воведение на Пресвета Богородица“, според што е именуван. Оттаму е изнесен од страна на Александар Гилфердинг во 1868 година. Се чува во Државниот историски музеј во Москва, во збирката на Хлудов, сигн. № 28 I 101. (С. П.-Ѓ.)


Библиографија

Десподова, Вангелија. 1985. „Архаизмите и неологизмите во лексиката на Карпинското евангелие“. Кирило-методиевскиот (старословенскиот) период и кирило-методиевската традиција во Македонија: прилози од научниот собир одржан по повод 1100-годишнината од смртта на Методиј Солунски. Скопје: МАНУ, стр. 35-42; Десподова, Вангелија. 1986 „Карпинското евангелие и неговото место меѓу словенските полни апракоси“. Slovo. br. 36, стр. 171–184; Десподова, Вангелија и Славева, Лидија . 1988. Македонски средновековни ракописи. т. 1.Прилеп: Институт за истражување на старословенската култура; Десподова, Вангелија, Бицевска, Кита, Пандев, Димитар и Митревски, Љупчо. 1995. Карпинско евангелие. Прилеп: Институт за старословенска култура, Скопје: Матица македонска, Куманово: Просвета; Поп-Атанасов, Ѓорги, Велев, Илија и Јакимовска-Тошиќ, Маја. 1997. Скрипторските центри во средновековна Макеоднија. Скопје: ИМЛ.