• Наслов

    КИЕВСКИ ДАМАСКИН

  • Автор
  • Година на издавање
  • Категорија
  • зборник

Опис на делото

Средновековен книжевен ракопис пишуван кон крајот на XVI век. Содржи 247 хартиени листови напишани од еден книжевник со кирилско старословенско писмо, истиот што го пишувал и Крнинскиот дамаскин. Всушност, ракописот е втор дел од двотомниот Дамаскин, додека Крнинскиот ракопис е првиот дел. Овие два ракописи заедно претставуваат една целина ‒ полн словенски превод од зборникот „Сокровиште“ на Дамаскин Студит. Во содржината на Киевскиот дамаскин се наоѓаат шеснаесет слова од македонски превод од Зборникот. Секое слово започнува со општ дел, а потоа се конкретизира темата што се развива со помош на голем број споредби и цитати од Стариот и Новиот завет, како и од книгите на Светите отци, со фрагменти од трудовите на Анастасие Синајски, Исидор Пелусиотски, со апокрифи и со друга достапна литература. Во ракописот се наоѓаат словата бр. 21 ‒ 36, додека првите дваесет слова се наоѓаат во Крнинскиот ракопис. Во Киевскиот дамаскин се застапени повеќе записи од самиот препишувач, како и записи пишувани во подоцнежен период од други поневешти раце, со многу грешки, и доста нечитливи. Овие невешто напишани записи упатуваат на тоа дека ракописот служел како учебник, при што некои ученици се обидувале да препишуваат и да ги подобрат своите вештини. За потеклото на ракописот, постојат две претпоставки ‒ според записот на последната страница, веројатно настанал во Топличкиот манастир, но поверојатно е дека преписот бил направен во кичевскиот манастир „Св. Богородица Пречиста“. Ракописот во XIX век бил однесен во Киев од архимандрит Анатонин Капустин, а денес се чува во Институтот за ракописи при Националната библиотека во Украина под наслов Слова монаха Дамаскина ф. 301, сигн. 290 п. (С. П.-Ѓ.)

 
 

Библиографија

Велев, Илија. 2014. Историја на македонската книжевност.Средновековна книжевност (IX - XIV век). т. 1. Скопје: Гирланда; Георгиевски, Михајло. 1979. Македонското книжевно наследство од XI до XVIII век: преглед. Скопје: Просветен работник; Десподова, Вангелија и Славева, Лидија . 1988. Македонски средновековни ракописи т. 1. Прилеп: Институт за истражување на старословенската култура; Илиевски, Петар Хр. и Илиевска, Красимира. 2015. Киевски дамаскин. Скопје: МАНУ, Бомат; Илиевски, Петар Хр. 1999. „Значење на дамаскинарската книжнина за развојот на писмениот и книжевниот македонски јазик“. Македонија: прашања од историјата и културата. Скопје: МАНУ, стр. 95–109; Илиевска, Красимира. 2014. „Местото и улогата на композитните зборови во Киевскиот дамаскин“ во: Меѓународeн научен собир Кирилометодиевската традиција и македонско-руските духовни и културни врски. Скопје: УКИМ, стр. 225–233; Стојчевска-Антиќ. Вера. 1997. Македонската средновековна книжевност. Скопје: Детска радост.