• Наслов

    САМОВИЛА МАКЕДОНСКА

  • Автор

    ЃОРЃИЈА ПУЛЕВСКИ

  • Година на издавање

    1878

  • Категорија

    преродбенска книжевност

  • дело поема

Опис на делото

 Поемата Самовила Македонска од Ѓорѓија Пулевски е меѓу првите отпечатени поеми на македонски народен јазик, во одделно издание. Самовила Македонска е патриотско-политичката поема и претставува одраз и реакција на решенијата од Берлинскиот конгрес. Поемата е составена од 67 дистиси, со специфични вметнувања на извичникот и обележување на стихот што се повторува. Во жанровска смисла може да се определи како политичка елегија, а графички е поделена на две целини поради белешката, поднасловот „Плачеешти тожит“. Првиот дел е составен од десет стихови напишани во словенска антитеза. Вториот дел е од 6 до 15 дистих, во кој преку тажното редење, т.е. разгласувањето на планините е опишана тажната состојба во која се наоѓала Македонија. Во третиот дел, од 16 до 34 дистих, ја опејува политичката состојбата (по Санстефанскиот и Берлинскиот договор) преку самовилата. Четвртиот дел, од 35 до 46 дистих, претставува тажачка во која преку женски хор е опишано насилството од страна на поробувачот. Во последниот, петтиот дел, Пулевски во романтичарски дух се повикува на славата и силата на Александар Македонски. Поемата е напишана со цел да го поттикне народот, да го крене на организиран отпор, поради што поетската реч е ангажирана, исполнета со лирски белег. Најчесто употребувана придавка е македонски: „самовила македонска“, „планиње македонских“, „краљевину македонску“. Во реалниот свет на маката и ропството поетот нè внесува преку естетската категоризација – звук и тажба, кои имаат емотивна и експресивна моќ. Во вториот дел од поемата се води разговор меѓу 18 самовили, кои ги претставуваат позначајните планински венци кои ја опкружуваат Македонија, со што врши персонификација на македонскиот народ, додека планината има метафорично значење за тежина. Самовилите и планините имаат катарзичен белег бидејќи преку нив се оплакува болката на обесправениот Македонец ширум Македонија. Во третиот дел како поетско-естетска одлика се изделува молитвениот чин упатен до руските спасители, додека во четвртиот дел, кој е во форма на тажачка молитва на македонските мајки, повторно е истакнато македонството, „македонски мајки“, „македонских комити“, „Македонци“ итн. Притоа упатува повик до Големите сили, повикува на слога на својот народ за заедничко, сплотено изгонување на Турчинот, при што се повикува на славното минато, на Александар Македонски: „Дал’ сте чуле, Македонци, стари људи оту говорат: / от Македонци појунаци над них не било - / ... / Цар Александар Македонски триста лета пред Христа / Со Македонци сву вселену повладал“. Поемата, односно елегијата, тажаленката, опеана во духот на националниот романтизам, напишана во шеснаесетерец, има и мелодија, била „испеана од душа“ поради што доживеала популарност како меѓу емиграцијата така и кај неговите соплеменици, Мијацитe, станала народна. Таа е израз на македонската национална свест, а како учесник во антиотоманските акции тој ја завршува со повикот за македонско национално единство, со повик на борба за извојување на слобода, со што биле исполнети и желбата и намерата на Пулевски, покрај културната и националната – започнала и револуционерната преродба кај македонскиот народ. (В. М. Х.)

 

Библиографија

 Ристовска-Јосифовска, Билјана. 2008. Ѓорѓија М. Пулевски. Скопје: Селектор; Саздов, Томе. 1985. „Ѓорѓија Пулевски и неговото дело“ во: Избрани текстови Ѓорѓија Пулевски. Приредил Томе Саздов. Скопје: Наша книга, стр. 6 – 50;Тушевски, Ванчо. 2000. „Естетските одлики на поемата Самовила македонска од Ѓорѓија Пулевски“ во: Поетика и реторика на новата македонска книжевност – XIX век. Скопје: Менора, стр. 105 – 116.