• Наслов

    МАКЕДОНСКИ ГЛАГОЛСКИ ЛИСТОВИ

  • Автор
  • Година на издавање
  • Категорија
  • зборник

Опис на делото

Средновековен книжевен ракопис пишуван кон крајот на X или почетокот на XI век. Содржи осум парчиња ‒ три пергаментни листови, шест исечоци од листови и два отпечатока од текст врз штиците од повезот на зборникот „Андријанти“. Текстот е напишан со глаголско писмо од еден книжевник. Македонските глаголски листови содржат делови од Паренесисот на Св. Ефрем Сирин (словата за „За покајанието“, Паренесисот „За судот, за љубовта и покајанието“,„За враќањето кон паганските дела“, „За Антихристот“ и др.); великопосни молитви, меѓу кои и една молитва за која не е пронајден грчки паралелен текст при што се смета за оригинално словенско литературно дело. Застапени се и музички записи пишувани од монашката заедница на Жеглиговскиот манастир, каде што работел Владислав Граматик, коишто се мошне слични со Жеглиговската музичка антологија на монахот доместик Исаија. Овој значаен книжевен ракопис послужил како основа за сите подоцнежни словенски преписи на паренесисот. Еден лист и еден исечок од лист се откриени во Рилскиот манастир од страна на Виктор И. Григорович во 1845 г. во подврзијата на зборникот „Андријанти“, пишуван во манастирот Матејче во 1473 г. од Владислав Граматик, кој и најверојатно потоа го однел во Рилскиот манастир. Во 1880 г., Константин Иречек при посета на манастирот открива еден исечок од лист и два отпечатока од глаголски текст врз штиците од повезот од истиот зборник. Последните два листа и еден исечок од лист се откриени во 1936 г. од Јордан Иванов во повезот на зборникот. Овие листови според местото каде што се пронајдени се познати и како Рилски глаголски листови. Еден лист и еден исечок се чуваат во библиотеката на Руската академија на науката во Санкт Петербург, сигн. №. 24.4.17 (Срезн. 64), а останатите листови се наоѓаат во библиотеката на Рилскиот манастир, сигн. №. 3/6 (14). (С. П.-Ѓ.)


Библиографија

Десподова, Вангелија и Славева, Лидија . 1988. Македонски средновековни ракописи. т. 1. Прилеп: Институт за истражување на старословенската култура; Десподова, Вангелија. 2000. Студии за македонското средновековно книжевно наследство. Прилеп: Институт за старословенска култура; Скопје: Матица македонска; Скопје: Универзитетска печатница "Кирил и Методиј"; Велев, Илија, Макаријоска, Лилјана и Црвенковска, Емилија . 2008. Македонски споменици со глаголско и со кирилско писмо. Скопје: ИМЈ „Крсте Мисирков", Штип: 2-ри Август С; Ильинский, Григорий Андреевич. 1909. Македонскій глаголическій листокъ отрывокъ глаголическаго текста Ефрема Сирина XI вѣка. С. Петербургъ: Отдѣленія русскаго яазыка и словености императорской академіи наукъ; Поп-Атанасов, Ѓорги. 2015. Македонската глаголица.  Скопје. Скопје: МАНУ, Магнаскен.