• Наслов

    МАКЕДОНСКО ЕВАНГЕЛИЕ НА ПОП ЈОВАН

  • Автор
  • Година на издавање
  • Категорија
  • библиски текст

Опис на делото

Средновековен книжевен ракопис пишуван кон крајот на XII или почетокот на XIII век. Содржи 133 пергаментни листови напишани со кирилско старословенско писмо од книжевникот поп Јован, чие име е забележано на маргините на л. 74 об. Според правописните и јазичните особености ракописот е произлезен од Кратовската книжевна школа. Според содржинската структура, овој ракопис е кратко изборно евангелие „апракос“. Текстот започнува со читањето од третата недела по Велигден. Застапени се читања за секој ден по Пасха до Духовендскиот понеделник, каде што се наоѓа текст од Јовановото евангелие. Потоа следуваат евангелски четива за сабота и недела од Духовден до крајот на Великиот пост, читањата од Страдалните евангелија во Страсната недела и читањата за Утрената велигденска литургија. По евангелските четива се наоѓа синаксар кој не е целосен, бидејќи започнува со 1 септември, а завршува со 23 декември. Во Македонското евангелие на поп Јован се јавуваат и повеќе записи од пишувачот на евангелието, како и еден краток грчки запис од подоцнежен период. Пронајден е од страна на Антун Михановиќ во Македонија, во периодот кога престојувал во Солун како австриски конзул. Се чува во Хрватската академија на науките и уметностите во Загреб, сигн. III c 1.   (С. П.-Ѓ.)


Библиографија

Велев, Илија. 2014. Историја на македонската книжевност.Средновековна книжевност (IX-XIV век). т. 1. Скопје: Гирланда; Десподова, Вангелија и Славева, Лидија . 1988. Македонски средновековни ракописи, т. 1. Прилеп: Институт за истражување на старословенската култура; Конески, Блаже. 1975. „Јазикот на Евангелието на поп Јована“. Mакедонски јазик, бр. 26, стр. 11–31; Мошин, Владимир. 2011. Избрани дела, кн. 9. прир. Ѓорѓи Поп-Атанасов. Скопје: Менора; Мошин, Владимир. 1954. Македонското евангелие на поп Јована. Стари текстови, т. 1. Скопје: ИМЈ „Крсте Мисирков“; Поп-Атанасов, Ѓорги. 2017. Словенски ракописи од Македонија во странски ракописни збирки: X-XIX век, кн .1, Археографски опис. Скопје: МАНУ; Кочани: Европа 92; Стојчевска-Антиќ, Вера. 1971. „За некои особености на Евангелието на поп Јован“. Службен лист на МПЦ. 13, 5, стр. 165–167.