• Наслов

    МАРИИНСКО ЕВАНГЕЛИЕ

  • Автор
  • Година на издавање
  • Категорија
  • библиски текст

Опис на делото

Средновековен книжевен ракопис пишуван кон крајот на X или почетокот на XI век. Содржи 173 пергаментни листови напишани со глаголско писмо. Според јазичните особености на текстот некои автори сметаат дека е пишуван во северниот дел на Македонија, т.е. во крај кој граничи со српското јазично подрачје, додека Блаже Конески е на мислење дека Маринското евангелие настанало на Света Гора. Според содржинската структура претставува четвороевангелие во кое поради изгубените листови од ракописот (Матеј 1-5:23, Јован 18:14-29 и 21:17-25) недостасуваат некои делови од евангелијата. Ракописот започнува со Матеј 5:23 и завршуваат со Јован 21:17. На маргините од текстот се запишани повеќе глаголски и кирилски белешки од крајот на XIII до крајот на XIV век, со што се потврдува неговата долгогодишна богослужбена употреба. Пронајден е во 1845 г., од страна на Виктор Григорович во манастирскиот скит „Св. Дева Марија“ на Света Гора, според што и го добил името Мариинско евангелие. Еден фрагмент од ракописот (два листа), кон средината на XIX век, е откриен од хрватскиот културен деец Антун Михановиќ во периодот кога бил конзул во Солун, при што му го отстапил на Франц Миклошич, кој ги издава во 1850 година. Овој фрагмент од ракописот е познат како Михановиќеви или Миклошичеви листови. Поголемиот дел од ракописот (171 л.) се чува во Руската државна библиотека ‒ Москва, во збирката на Григорович, сигн. Григ.6/Муз.1689, а 2 листа се чуваат во Австриската национална библиотека во Виена, сигн. Cod.slav.146. (С. П.-Ѓ.)


Библиографија

Десподова, Вангелија и Славева, Лидија . 1988. Македонски средновековни ракописи. т. 1. Прилеп: Институт за истражување на старословенската култура; Конески, Блаже. 1986. „О Маријинском јеванђељу“во: Јужнословенски филолог. бр. 42, стр. 67–70; Мошин, Владимир. 2011. Избрани дела, кн. 9. прир. Ѓорѓи Поп-Атанасов. Скопје: Менора; Jagić, Vatroslav. 1883. Quattuor Evangeliorum versionis palaeoslovenicae Codex Marianus Glagoliticus. Berlin: Weidmann; Поп-Атанасов, Ѓорги. 2015. Македонската глаголица. Скопје: МАНУ, Магнаскен; Поп-Атанасов, Ѓорги. 2017. Словенски ракописи од Македонија во странски ракописни збирки: X-XIX век, кн. 1, Археографски опис. Скопје: МАНУ, Кочани: Европа 92.