• Наслов

    НОВГОРОДСКИ ЛИСТОВИ

  • Автор
  • Година на издавање
  • Категорија
  • библиски текст

Опис на делото

Средновековен книжевен ракопис, односно фрагмент од ракопис (2 пергаментни листови напишани со глаголско писмо) пишуван во последната четвртина на X век. Според правописните и јазичните особености се поврзува со дејноста на Охридската книжевна школа. Листовите се фрагмент од Самоиловото царско евангелие кое во 1056/57 г. било испратено во Киевска Русија за време на покрстувањето на Русите, при што послужило како предлошка за пишувањето на Остромирово евангелие. Според содржинската структура листовите се фрагмент од краток апракос, изборно евангелие. Во нив се наоѓаат делови од евангелските текстови од шестата и седмата Страсна седмица од Великиот пост. На првиот лист текстот започнува со крајот на Марко 10:45, потоа следуваат четивото за Лазарова сабота ‒ Јован 11:1-16, а на вториот лист се наоѓа крајот на четивото за Велики понеделник и почетокот од четивото за Велики вторник ‒ Матеј 24:25-37. Пронајдени се од страна на рускиот археолог Ј. К. Кипријанов, поради што се познати и како Кипријанови листови, а се нарекуваат и Новгородски затоа што претходно овој фрагмент бил во сопственост на библиотеката на новгородскиот храм „Св. Софија“. Се чуваат во Руската национална библиотека во Санкт Петербург, сигн. РНБ. F.П. 1.58.   (С. П.-Ѓ.)


Библиографија

Бычков, Афанасий Ф. 1865. Известия императорского археологического общества V. Санктпетербург: Русское археологическое общество; Десподова, Вангелија. 2000. Студии за македонското средновековно книжевно наследство. Прилеп: Институт за старословенска култура, Скопје: Матица македонска, Универзитетска печатница "Кирил и Методиј"; Конески, Блаже. 1988. „Јазични контакти меѓу старата македонска и руска писменост“ во: Кирило-методиевскиот (старословенскиот) период и кирило-методиевската традиција во Македонија. Скопје: МАНУ, стр. 51–56; Мошин, Владимир. 1966. Палеографски албум: на јужнословенското кирилско писмо. Скопје: „Кочо Рацин“; Мошин, Владимир. 1983. „Новгородские листићи и Остромирово јеванђеље“, Археографски прилози 5, стр. 7-14; Стојчевска-Антиќ, Вера. 2008. „Македонски предлошки на ракописите; Новгордски листови, Мирославово евангелие, Драголев зборник“ во: Реферати на македонските лависти за XIV меѓународен славистички конгрес во Охрид. Скопје: МАНУ, стр.313-327.