Романсиер, поет, раскажувач и преведувач. Во богатото прозно и поетско творештво Башевски нурнува во вителот на егзистенцијалните и етичките проблеми на човековиот опстој. Многу често останува верен на преокупациите кои извираат од географијата, историјата и актуелноста на конкретното роднокрајно тло и кои под дејството на писателовата вештина се преобразуваат во универзални хуманистички пораки.
Завршил Филозофски факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Работел како новинар, уредник и постојан дописник на весникот „Нова Македонија“ од Атина. Бил директор и главен уредник на издавачката куќа „Култура“ и главен уредник на издавачката куќа „Слово“ од Скопје. Член е на Македонскиот ПЕН центар, а во периодот од 2000 г. до 2006 г. бил и негов претседател. Член е на Друштвото на писатели на Македонија од 1969 г. Неговите дела се преведени на повеќе јазици, а тој има преведено дваесетина дела од англиски и од јужнословенските јазици.
Романескното творештво на Башевски е прилично компактно и може да се третира како своевидна сага во која од роман во роман се повторуваат истите мотиви, ликови и симболи. Основно сврзно ткиво на неговата проза се аспектите на преселбите, прашањето на заминување и враќање во родниот дом, односно прашањето за вдоменоста и идентитетот, најчесто обработени преку моделот на психолошка анализа. Нему му е својствено книжевното понирање во етичките принципи, во нивните потврди и изневери и преосмислувањето и ревидирањето на постојниот систем на вредности. Уште со првиот роман Туѓинец од 1969 г. авторот почнува да гради една иста градба, односно „книжевен проект“ кој постојано ќе се развива и надоградува и во која доминантно место ќе има современиот феномен на преселништвата. Критиката забележува дека „уште во Враќање стануваат видливи доминантните преокупации во творештвото на Башевски, неговиот јунак влегува во еден особен антрополошки простор, раскинат помеѓу неумоливата линеарност, помеѓу историската хоризонтала на безначајното постоење ‘отаде’, на далечниот јужен континент и митскиот сон за враќањето, за вечно обновливиот, кружен тек на митското постоење ‘дома’ (вертикала), тој, сепак останува во лимбот на неуспешната потрага по едно вистински морално постоење“ (Бојаџиева 2013: 10). Судбината на откорнатикот е во фокусот и на романот Нема смрт додека ѕвони од 1980 г., во кој главниот лик Спиро Кондев успева да се врати во своето родно идеализирано село Сарајаново, кое како имагинарен топоним ќе се појави и во другите негови дела. Наместо да биде синоним за рај, што произлегува од неговото именување, ова село ги покажува сите противречности на транзициското време, на умртвувањето на руралната средина и бесперспективноста. Симболичкиот локус Сарајаново е носечки и во романот Сарајановскиот каранфил од 1990 г., кој во опусот на Башевски означува квалитетен скок на надоградување на психолошкиот модерен реализам со техники на постмодернистичкото раскажување што се огледува првенствено преку удвојување на перспективите. Главните протагонисти на овој роман се Коста и Лена Медови, кои во прегратките на митското место Сарајаново трагаат по душевен мир и прочистување. Алузијата на еденската градина се засилува со тоа што тие градат цвеќарница, но наспроти нивните стремежи застанува ликот на Учителот, преку кој доаѓаат до израз сите аномалии на системот: нетрпеливост, авторитарност, неслобода. Во 2001 г. се појавува романот Бунар, кој во извесна смисла претставува надградување и продлабочување на креативните координати поставени во претходниот роман. За Бунар критиката оценува дека „е реперна точка не само за опусот на Башевски туку и пошироко, во контекстот на македонската литература на почетокот на дваесет и првиот век“ (Бојаџиева 2013: 15). Во романот Прозорци од 2010 г., па потоа и од 2015 г. Башевски се посветува на една поинаква тема – тој создава психолошка проза за писателот креативец од една страна, но и за полицискиот инспектор, од друга, кој исто така креира текст како еден вид писател, но фокусиран на самиот писател.
Башевски ја објавува својата прва книга песни Куќата на животот во 1987 г. како веќе етаблиран прозаист со пет романи зад себе. Во текот на триесет и пет години публикувал седум стихозбирки, од кои последната, Дни, години од 2023 г. е означена како зенит на неговиот поетски опус и овенчана со престижна книжевна награда. Критиката ќе ја окарактеризира неговата поезија како: „Мисловно јасна, емотивно длабока, етички темелна, изразно прецизна, инспиративно автентична и изворно свежа...“ (Бошковски 2003: 154) и ќе ја определи како доминантно меланхолична, истакнувајќи дека тој пишува „трајни, тревожни и тешки стихови“ (Цветкоски 2018: 176). Повеќето проследувачи на неговиот поетски израз се согласуваат дека во песните се стреми кон едноставна возвишеност и кон сублимирана
поетска слика што предизвикува мисловен ефект. Мотивски ги контрастира урбаното и природното, древното и современото, ритуалното и индивидуалното и се
нурнува во понорите на човековата егзистенција. Стилски не ѝ робува на строгата версификација, туку се придржува до одбраната интонациска фраза, често
привлекувајќи со свежи и необични рими.
Автор е и на една збирка раскази Мајсторот (2013), на епистоларна проза Писма од карантин (2021) и на еден роман за деца Дневникот на Ања (2003).
Ги има добиено наградите: „11 Октомври“, „Рациново признание“, „13 Ноември“, „Ванчо Николески“, наградата „Роман на годината“ (на „Утрински весник“) за романот Бунар, државната награда „Св. Климент Охридски“, како и наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата во 2023 г. за стихозбирката Дни, години. (С. С.-Е.)