• Наслов

    БУНАР

  • Автор

    ДИМИТАР БАШЕВСКИ

  • Година на издавање

    2001

  • Категорија

    современа книжевност

  • роман

Опис на делото

Романот Бунар од Димитар Башевски е добитник на наградата „Роман на годината“ на „Утрински весник“ за 2001 г. и следната година е номиниран за меѓународната награда „Балканика“. Има повеќе изданија во земјава и во странство. Тој е блескав пример на симбиоза на традиционално реалистично раскажување, психолошко понирање, симболизација и постмодернистички книжевни постапки: фрагментарност, псевдоцитатност, двојна приказна, прекршена фокализација.
Романот е комбинација од два раскажувачки гласа, чии нарации функционираат како палимпсестен дијалог: врз подлогата на раскажувачкиот глас на централниот лик на приказната Симеон Поцо, се накалемува раскажувачкиот глас на ликот на неговата сопруга Агна, кој се вплеткува во романескното ткиво како коментар и обраќање и кој симулира апостериорност. Ликот на Агна е во отсуство и функционира како психолошко огледало, затоа што целата приказна се одвива во родното село во кое Симеон ги бие своите лични битки на идентитетот и на своето инсталирање во новата селска средина во која се преселува. Човекот наспроти колективот во едно македонско село на преминот на векот – тоа е основната тематска рамка. Сите споредни ликови, како на селаните современици така и на нивните легендарни предци, се претставени како какофонија на толпата, која на виделина ги исфрла темните страсти: лицемерие, алчност, политикантство, себичност, ксенофобичност, омраза... Иако локализацијата е замаглена со игриво одбрани топоними, македонскиот читател лесно може да ги препознае координатите на приказната, но сепак тоа не пречи таа да се толкува не само на балканско туку и на универзално ниво.
Романот го сочинуваат седум прозни фрагменти во кои нарацијата е линеарна, но расцепкана. Од самиот почеток се тематизира напорот на авторот пред белиот лист, со што се внесува онтолошка колебливост. На тоа се надоврзува и псевдодокументарниот слој за предокот Никола Поцо, моќникот од османлискиот период со контроверзна репутација на донатор добротвор и криминалец злотвор, вклучен во приказната преку постмодерниот мотив на пронајден ракопис во старата селска куќа и преку сомнителната архива на историчарот Владе. Сепак, јадрото на романот го сочинува префинетата интроспекција на нараторот, неговото длабење во сопствениот карактер, во себепроценувањето и односот кон другите, во споредувањето со предокот.
Стожерната оска на раскажување е градењето на бунарот, односно чинењето добро дело за заедницата. Бунарот добива повеќеслојна симболика. Копањето на бунарот и копањето во минатото се непредвидливи, не може да се согледа „опачината“, што ја потврдува основната постмодернистичка теза дека историјата може да се толкува од различни, па и спротивставени аспекти. Во прво време бунарот, кој за жал секнува, а потоа и селскиот водовод треба да бидат дар, оставина на Симеон за селото, но се покажува дека не само што никој нема да му заблагодари за тоа, туку целата таа негова херојска авантура ќе биде една од причините за неговиот личен пад, целосно разочарување во луѓето и криза во бракот. Останува отворено прашањето дали тој негов потфат е навистина израз на алтруизам и грижа или само знак на суета и надменост?

На книжевно супериорен начин Бунар на Башевски загатнува суштински прашања за: историјата, општеството, политиката, семејството, интелектулецот, селото, љубовта; но без да посочува дефинитивни одговори. Посебен е неговиот придонес во книжевната обработка на психологијата на толпата и на селскиот менталитет, но и на психолошките понори на интелектуалецот. Напишан со непретенциозна, бавна, а густа со значења реченица, романот е одмерен и стилски уедначен. (С. С.-Е.)   


Библиографија

 

Вангелов, Атанас. 2001. „Баше и – сè е можно!“ во: Старт бр. 125 од 15 јуни, стр. 44-45; Врбавац, Јасмина. 2001. „Кинеската кутија на Димитар Башевски“, поговор во: Башевски, Димитар. Бунар. Скопје: Слово; Perović, Sreten. 2005.  Složena simbolika života“, поговор во: Baševski, Dimitar. Bunar. Podgorica: Duks.