Поетеса, есеистка, преведувачка и сликарка. Поезијата на Олга Арбулјевска, објавена во четири стихозбирки, открива нежен и суптилен поетски глас кој освојува со својата женскост, јазично-сликовна игривост и духовна длабочина.
Детството го минала во Берово и Скопје. Дипломирала филозофија на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Работела како новинар во весниците „Борба“ и „Нова Македонија“, а потоа како уредничка за култура во националната телевизија Телма. Оставила значаен белег во македонското новинарство од областа на културата. Членувала во Друштвото на писатели на Македонија од 1973 г. и во Македонскиот ПЕН центар од 1974 година. Превела неколку книги од српски на македонски јазик, меѓу кои и романот Градина, пепел од Данило Киш. Објавувала есеи и книжевна критика во повеќе списанија, како и во одделната есеистичка книга Ветрот на промените. Сликарското творештво на Арбулјевска било претставено на четири самостојни изложби.
Четирите поетски книги на Арбулјевска се појавуваат во интервали од по десетина години. Уште во првата стихозбирка Канурки таа покажува поетска автентичност, оригинален избор на мотиви и креативен однос кон јазичниот материјал. Втората збирка Икителија ги проширува нејзините творечки хоризонти со значенски јадра и симболи кои произлегуваат од фолклорната матрица. Критиката забележува дека во оваа стихозбирка „... е остварен привиден сооднос меѓу мотивот на љубовта и широките простори на усната традиција, кои се проткаени со белези на една рамнодушна, а наместа дури и рурална изразена поетика“ (Силјан 1981: 98). Поезијата на Арбулјевска со секоја збирка станува сè побогата на мотивски план и сè послободна во формалните потраги, но останува приврзана кон својата првична ориентација: економичност на изразот, прецизна впечатлива поетска слика, еуфонична провокативност и создавање нови зборови по пат на благо исчашување на постојните зборовни форми. Поетскиот хабитус на Арбулјевска се карактеризира со речиси ритуална хармонизација со природата и човештвото, со продорна визуелна имагинација и со строга звуковна и графичка организација на песната. Со само две збирки Арбулјевска го придобила вниманието на книжевниот критичар Миодраг Друговац, кој во својот преглед на македонската литература вдахновено истакнал дека таа: „Најави една игра, со мера и такт, меѓу архаичниот идиом и модерниот вербален знак, со тајни семантички и еуфониски врски, оставајќи впечаток на трпелив кујунџија којшто ја знае цената на искрењето што така волшебно блескоти меѓу чеканот и наковалната на древниот Хефест“ (Друговац 1990: 631). Поетиката на Арбулјевска ги зацврстува своите карактеристики во третата стихозбирка Светкамен и прераснува во целосно автентичен поетски израз особено во последната стихозбирка Животница. Иако нејзиниот поетски опус не е особено обемен, нејзиниот лирски израз е впечатлив и автентичен. (С. С.-Е.)