• Наслов

    ЖИВОТНИЦА

  • Автор

    ОЛГА АРБУЛЈЕВСКА

  • Година на издавање

    2006

  • Категорија

    современа книжевност

  • поезија

Опис на делото

Последната, четврта стихозбирка на Олга Арбулјевска објавена во 2006 г. ги сумира нејзините лирски потраги и го истакнува нејзиниот сензибилитет, кој се потпира на една длабока доверба во лечебните потенцијали на поезијата и во нејзината поврзаност со органскиот свет. Самиот наслов на збирката ја истакнува широката прегратка што поетесата ја упатува кон животот, кон биолошкиот опстој, истовремено потенцирајќи ја неговата женска димензија. Оттаму е забележливата лексичка интервенција во зборот „животница“, која претставува креативна граматичка отстапка карактеристична за поетиката на Арбулјевска.
Збирката има цврста кохезија и е организирана во шест условно речено циклуси, односно мотивски јазли околу кои гравитираат песните: ОгледувањеРосоплач на југотКандилоВиножитијаИгрива грива и насловната, Животница. Може да се рече дека песните се варијации на мотивите испеани во една магично-ритуална, свечена интонација, со нагласена музикалност. На пример, во случајот на сегментот Виножитија, се варираат боите на виножитото, односно седум бои на симболичното отклучување на портата на универзумот. Во Игрива грива дефилираат симболичните животни: коњ, лебед, мачка и сл., додека во Росоплач на југот се опеваат музичките инструменти: харфа, флејта, зурла... Особено женска аура носи циклусот Кандило, во кој централен мотив е мајчинството опеано низ визурата на христијанството. Во него доминира формата и тонот на молитвата, а целата вселена се поистоветува со божицата мајка и нејзината рожба. И циклусот посветен на линијата на животот, линијата на радоста и линијата на бесконечноста е осветлен од „месечева“ светлина и испеан женски, преку симболите накити: белезица, прстен, ѓердан и обетки, но тие добиваат космичко значење: тие се исковани од шумолењето на шумите, од делче воздишка што ја обрабува вечноста, од нанижани денови и ноќи, од таинства на рамновесието на светот. Своите стихови Арбулјевска ги испева со имагинација на сликар, со изненадувачки и динамични визии што ги пронижуваат светот и човекот и остават силен впечаток кој се доживува емотивно, а не рационално. На пример, песната „Куќа“ е една таква визија на куќа поставена со темелите во облаците како „светлосна пирамида“ што допира до тежиштето на Земјата, која плени со својата зачудност, детализираност и проникливост.
Стиховите на Арбулјевска зрачат со силна емоција на сеопшта љубов и вдахновеност од природата и животот. Во нив базичните симболи, како што се: светлина, вода, куќа, стебло, врата и камен добиваат богати слоеви на значења и се проткајуваат со семантичките полнежи на глуварчето, жуните, а во една песна и со грнчарското тркало на Рацин. Поетесата покажува развиено чувство за звуковна организација на песната и особен афинитет кон јазичните игри. Нејзината поезија е незаобиколна точка на врвиците на развојот на женското поетско писмо во македонската литература. (С. С.-Е.)
 

Библиографија