Романописец, раскажувач, драмски писател и сценарист, фотограф-аматер и по професија – медицинар. Со истенчено чувство за детаљ и со жив реалистичен приказ, Плавевски во своите книжевни дела раскажува приказни што се изнедрени од самиот живот и имаат историографска подлога. Напишани со едноставен јазик и стил, тие лесно комуницираат со пошироката читателска публика. Покрај професионалниот ангажман на доктор оториноларинголог, тој се занимавал аматерски и со фотографија, учествувал на изложби и добивал награди, а од 1997 г. се вклучил и во книжевниот живот. Член е на Друштвото на писатели на Македонија од 2000 година.
На самиот премин во новиот милениум објавил збирка раскази Играч на фанта (1997 г.), и потоа во текот на две и пол децении интензивно објавувал книжевни дела: десетина романи, збирки раскази и повеќе драмски текстови и сценарија. Автор е и на неколку популарни книги за фотографија.
Во корпусот книжевни дела на Плавевски централно место заземаат романите, кои доживуваат интензивна рецепција од публиката, така што тој е добитник на престижни награди за проза: за романот
Јадица во 2013 г. ја добива наградата „Роман на годината“, а за
Боксерот од Ново Маало во 2020 г. наградата „Стале Попов“. Во своите романи обработува конкретни историски настани, периоди, локации и личности. На пример, негова омилена тема е градската атмосфера во скопското Ново Маало, премрежињата на Скопје по разорниот земјотрес во 1963 г., но, исто така, и комитските приказни од почетокот на дваесеттиот век, холокаустот, како и комплексниот историски миг на Информбирото. Плавевски раскажува со око на фотограф, визуализирајќи ги историските факти и оживувајќи ги своите лични мемории, стремејќи се да ја долови атмосферата на изминатите времиња и на специфичен начин да им го даде соодветното значење и почит во современиот миг. Неговата проза е потенцирано стварносна, натопена со факти и историски референци, најчесто обликувана во драматизирана форма, со интензивно нижење на акции и дијалози.
И расказите ја следат истата матрица што може да се воочи во збирката раскази, која со самиот наслов Вистинити приказни ја открива доминантната миметичност. Таа обединува раскази посветени на конкретни личности од историјата на македонскиот театар и филм, чии уметнички фотографии го дополнуваат раскажаното.
Доминантно историографското, публицистички-репортажното прикажување на Плавевски е комбинирано со осет за филмичност, за градење спектакуларни наративни заплети и нивно нанижување кое води до расплетот. Оттаму е и неговиот обемен опус на драмски текстови и сценарија за телевизиски серии и филмови. Тој е сценарист на ТВ-филмовите: „Состојба пред инфаркт“ (1987 г.), „Бог да ги убие шпионите“ (1993 г.), „Вампирџија“ (2002 г.) и „Мултиплеј“ (2008 г.), а по негови текстови се снимени десетина радиодрами. Неговите драмски текстови Пипа Ритам (1986 г.), Балерината (1994 г.), Кралот Хамлет (1995 г.), Каста Дива (1997 г.), Министерот и јас (2002 г.) и детскиот драмски текст Трагачи по виножитото (1988 г.) поставени се на сцената на Турскиот театар во Скопје; Раскол (1998 г.) во кумановскиот Народен театар и Операција Лир (2002 г.) во струмичкиот театар „Антон Панов“.
Покрај веќе спомнатите награди, Плавевски е добитник и на наградата „Крсте Чачански“ за збирката раскази Момини солзи во 2018 година. (С. С.-Е.)