Романсиер, поет, раскажувач и публицист. Целото творештво на Чаповски е посветено на болната егејска тема која интензивно избликнува од неговата лична судбина на прогнаник од родниот егејски крај. Затоа фактите пренесени во неговиот книжевен свет, колку и да се преработени во имагинацијата, имаат специфична мемориска тежина и културолошко значење.
Од 1958 г. живее и работи во Скопје, каде што завршил Филозофски факултет. Работел како новинар во „Нова Македонија“, „Вечер“ и во документарната редакција на Радио-телевизија Скопје. Бил главен уредник и директор на книгоиздателството „Македонска книга“ во Скопје. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1963 година. Член е и на Македонскиот ПЕН центар.
Со исклучок на мал број љубовно-интимни песни, во речиси целото поетско творештво на Чаповски доминираат родољубиви и меланхолични тонови поврзани со егејскиот егзодус. „Иван Чаповски е писател со препознатлив глас во современите текови на македонската литература. Неговата поезија е верна слика на долгите човечки патешествија, на крвавите делби и преселби. Таа е химнична и трогателна, сензибилна и медитативна, длабоко доживеана и разбирлива за широк круг на читатели“ (Силјан 2014). Во осумдесеттите години од XX век прозата на Чаповски го придобива вниманието на јавноста и на критиката, за што сведочат наградите со кои се овенчуваат неговите романи
Магла и
Змија.
Романите на Чаповски се историографска проза која се фокусира на проблематиката на Граѓанската војна во Грција, но исто така и на премрежињата на населението од егејскиот крај во текот на Балканските и на светските војни во ХХ век.
Романот Змија е посветен на периодот од илинденската епопеја до почетокот на Првата балканска војна, а мотивски стожер е изградбата на железничката пруга Солун – Битола, која се издигнува на метафорично ниво. Раскажувајќи за пругата, односно за шините кои симболично се извиваат како змија, авторот ги споменува словенските топоними кои токму во тој историски миг се избришани во официјалната топонимија. Меѓу историските називи, факти, имиња и настани се вреднуваат и ликови кои го носат семејното име Беломорови (Бино, Уранија), истото симболично кое им е доделено и на големиот број ликови во приказната на претходниот роман Магла. На тој начин романите на Чаповски се поврзуваат меѓусебно и градат една заедничка слика што се потпира на симболичните јадра: магла и змија. Чаповски пишува во реалистички клуч, со особен однос кон документот и фактографијата, кои му служат како основа за разгранување на неговите егејски стории.
Интересен пристап е накалемувањето на неговиот роман Тагата на Мајлс Франклин под Кајмакчалан од 2004 г. врз мемоарите на една австралиска писателка која во времето на Првата светска војна престојувала како болничарка во Болницата на шкотските жени покрај Островското езеро. Во своите прозни дела Чаповски не е само конзерватор на меморијата за значајни историски настани и процеси туку и специфичен аналитичар кој преку литературата се обидува да ги толкува и проценува историските трауми со кои е и самиот трајно жигосан. Во својот опус Чаповски вклучува и романизирана биографија на Павел Шатев (Отровот на Тамарискот), хроники и историски роман за млади.
Добитник е на наградите „13 Ноември“ за стихозбирката Убавата Разделина, „Рациново признание“ за романот Магла, „Стале Попов“ за романот Крв на еукалиптусот, „Книжевен жезол“ во 2014 година. Во 2010 г. Чаповски е добитник на македонската национална награда „23 Октомври“ за целокупното творештво. (С. С.-Е.)