• Наслов

    МАГЛА

  • Автор

    ИВАН ЧАПОВСКИ

  • Година на издавање

    1985

  • Категорија

    современа книжевност

  • роман

Опис на делото

Романот Магла од Иван Чаповски, за кој го има добиено „Рациновото признание“ во 1986 г., е фреска на судбините на егејските македонски семејства кои во времето на Граѓанската војна во Грција биле раздробени и раштркани на различни страни од светот. Во преден план е поставен ликот на Алексо Беломоров, еден од синовите на Васил и Мита Беломорови од Бер, кој по долги години егзодус, во осумдесеттите години на XX век доаѓа во македонското гратче Дебар за да се спои со остатокот од семејството. Тој се враќа со својата сопруга Чехинка од Прага, додека неговите браќа во виорот на преселбите биле одведени на различни страни: Митар во Полска, Апостол во Узбекистан, а К’чо – Коста во Шведска. Средбата на семејството во Дебар за Чаповски е појдовна точка од која почнува да ги раскажува судбините на овие централни ликови, мешајќи ги постојано времињата и комбинирајќи ретроспекции и психолошки профили, дијалози и описни детали... Маглата како лајтмотив се појавува низ описите во приказната, на различните локации и во различни времиња, за да ја потенцира комплексноста на историските настани што ги определуваат судбините на ликовите. Нарацијата е згусната од фрагменти кои мозаично ја пополнуваат сликата на егзилот: транспортирањето на егејските деца, крвавите битки, робиите, политичките замки, (не)прилагодувањето во странските средини, (не)вдомувањето во провинциското македонско гратче и уште многу други перипетии од заемните семејни, љубовни, роднински и (не)пријателски односи. Дејството е во постојана тензија на патување, односно транспортирање од едни до други зандани, од една до друга робија, од Албанија до Узбекистан и до Полска, па тогашна Чехословачка и затоа се опишани и пловења со брод, и патувања со воз и автобус, и комуницирања преку писма... Болест, рани, мачења, погибии и битки по фронтовите ги исполнуваат страниците на овој роман. Во густо нанижаната историја на семејството, која се изложува во преплет од трескавични секвенци, се издвојуваат по својата сугестивност епизодите за ковањето клинец во јазикот на Васил, боиштата на Вичо, раѓањето на малиот К’чо во затворската ќелија, пронаоѓањето на децата во Полска, давењето на Катина… „Определувајќи се за директно прикажување на злогласната и трауматична судбина на илјадниците Беломорци раштркани на илјадници страни од светот, Иван Чаповски во делото ги издигнува чинот на индивидуата и чинот на националното опстојување на пиедестал на легенда“ (Силјан 2015: 80). Романот на Чаповски е вреден прилог кон зачувувањето на колективната меморија за егејската тематика и книжевен материјал за продирање во провокативната безвременска проблематика на егзилот, која особено се актуализира во современиот свет. (С. С.-Е.)


Библиографија

 

 

Силјан, Раде. 2015. „Романите на Иван Чаповски“, во: Автентични гласови: личности, дела, настани. Скопје: Матица македонска, стр. 77-88; Тодоровски, Гане; Силјан, Раде; Смилевски, Веле; Чаловски, Тодор; Станковиќ, Љубиша; Петрески, Христо; Пановски, Доне. 1988. „Критичарите за творештвото на Иван Чаповски“, во: Развиток, 25[26], 7-8, стр. 317-325.