македонски поет, раскажувач, книжевен критичар, преведувач и сценарист. Неговото творештво во историјата на македонската литература има посебно место, затоа што со него започнува развојот на современиот македонски расказ. Збирката раскази
Растрел (1947) е првата збирка раскази во македонската современа литература.
Роден е во Скопје, во сиромашно, печалбарско семејство. Се школувал во вечерните училишта и имал скромно институционално образование. Работел како трговски помошник и како книговодител во железничко-транспортната дирекција.
Низ годините творештво го изградил својот личен стил и уметнички израз, во опус и тематска широчина кои го надминале недостигот од формалното образование. Неговиот уметнички профил е сплет на пошироки интереси – раскажувач, есеист, истражувач и литературен критичар, театарски и културен работник, уредник на културни рубрики и член на неколку писателски друштва. Бил прв лектор во весникот Нова Македонија и уредник на сп. Нов ден и Современост. Бил член на Друштвото на писатели од 1947 година. Автор е на неколку сценарија за филм: Жито за народот (1947), Солунските атентатори (1961), Под исто небо (1964) и соработник при подготовката на сценаријата за филмовите Мементо (1967) и Републиката во пламен (1969).
Автор е на неколку збирки раскази. Неговиот раскажувачки стил изобилува со долги описи, емотивни експресии и редуцирани, строги дијалози што ја создаваат специфичната психолошка естетика на неговиот израз. Не случајно, еден од неговите најдобри остварувања, расказот „Човек на покривот“ се смета за најава на новиот модернистички расказ во македонската литература.
Творечки опус на Бошковски се проширува со единствениот негов роман
Солунските атентатори (1962), кој историски се надоврзува на поголемата приказна за овој историски настан, претходно прикажана во романот
Пустина од Ѓорѓи Абаџиев (1961). Со внимателно, суптилно доближување на историјата, Бошковски креативно ги оживотворува главните протагонисти на историскиот настан од 1903 г., давајќи им психолошка длабочина и историска автентичност. (Т. Ќ.)