РАСТРЕЛ
1947
современа книжевност
автор расказ
Растрел е првата збирка раскази во македонската современа литература. Со нејзината појава се поставуваат темелите на кратката раскажувачка форма и истовремено се обликува наративот на поствоената македонска проза. Збирката е составена од седум раскази: „Немиот скитник“, „Непријатели“, „Срце мајчино“, „Блокада“, „Растрел“, „Во поход“ и „Земјата на Панко Бисерин“. Содржи вкупно 49 страници. Секој од овие раскази отвора различни аспекти на тогашната стварност, низ личните и длабоки човечки доживувања на главните јунаци.. Независно од тоа кој е раскажувачот – војникот од фронтот или обичниот човек од првите години на поствоената реформација на земјата, хронолошкиот пристап на градењето на приказната и творечките постапки на лирското раскажување се идентични. Стилот е типично реалистичен, со посебен фокус на деталните описи на физичкиот изглед на ликовите и на нивната внатрешна природа („Немиот скитник“, „Земјата на Панко Бисерин“). Неговите раскази опфаќаат две творечки преокупации: народноослободителната војна и градот. Овие две теми во неговиот израз имаат идентичен раскажувачки пристап и се фокусираат на внатрешните доживувања на ликовите, низ приказните за војната како судбина и слободата како егзистенција („Растрел“, „Блокада“, „Во поход“, „Срце мајчино“). Едната тема уметнички го прикажува историското револуционерно минато и годините по Втората светска војна, а втората го исцртува секојдневието на малите луѓе од градот. Отуѓеноста, осаменоста, но и непредавањето се основни двигатели на ликовите (Панко Бисерин, Нико, војникот Иљо). Приказната се креира низ нивните длабоки размисли, испреплетени со емотивниот колорит на силните човечки емоции: немирот, несигурноста, немоќта, стравот, но и мотивацијата да се истрае и да се победи во битката за вредностите. Сите нив ги обединува една суптилна, ненаметлива морална вертикала во која победуваат честа, храброста и човечкото достоинство. (Т. Ќ.)