Живот и дело

Проза на отуѓеноста – како топос и како внатрешна иманентна состојба на ликовите. Речиси без исклучок, неговите приказни ја следат трагата на откорнатикот, нишката на силни и испреплетени чувства на туѓоста и загубата.

прозаист, новинар и културен работник. Еден од најпреведуваните автори на генерацијата повоени македонски писатели. Автор е на

прозаист, новинар и културен работник. Еден од најпреведуваните автори на генерацијата повоени македонски писатели. Автор е на над дваесетина романи, новели, раскази и публицистички текстови. Припаѓа на дводомните македонски писатели. Неговото место на живеење и неговото творештво тематски се распостила на два континента. Бил активен општествен работник во деведесеттите години на минатиот век и своевиден културен амбасадор во Австралија. Повеќе од дваесет години живее во емиграција, со постојани престои во родната земја.

Роден е во село Жван, Демир Хисар каде што го завршил основното образование. Средното стручно образование го продолжил во Битола, а потоа работел како ветеринарен техничар во Србија. По неполна година се вратил во Македонија и се запишал на Вишата земјоделска школа во Битола. Веќе следната година започнал сосема нова професионална кариера. Во 1963 г. се вработил како новинар во Редакцијата за култура на весникот Нова Македонија“ (каде пишувал и филмска критика). По низа патувања низ Австралија и други земји, во 1971 година дипломирал јужнословенска книжевност на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Бил сопственик на издавачката куќа „Мисла“ во Скопје и основач на издавачката куќа АЕА во Мелбурн, Австралија. Во 1996 г. бил и главен уредник на издавачката куќа „Матица Македонска“ во Скопје. Бил член на МАНУ и на Друштвото на писателите на Македонија од 1996 до 2013 г., но ги напуштил поради околностите поврзани со неговата лустрација, која беше правно укината во 2017 година.

Добитник е на: Рациновото признание (за романот Дува), „11 Октомври“ (за романот Вест Ауст, 1978), „Стале Попов“ (за романот Рогот на љубовта, 2014) и на други книжевни награди во Србија и Романија.

Твoрештвото на Божин Павловски е проза на отуѓеноста – како топос и како внатрешна иманентна состојба на ликовите. Речиси без исклучок, неговите приказни ја следат трагата на откорнатикот, нишката на силни и испреплетени чувства на туѓоста и загубата. Во внатрешните дијалози и искуствата на ликовите се препознаваат носталгични, но и болни и топли чувства од спомените на родниот крај. Дел од неговите дела се автобиографски записи со автентични имиња и настани (трилогијата Мемоари на задоцнетиот романтичар, На пат за Ахасферија и Прости му на Sверот). Неговите приказни имаат слична тематска рамка, но дел од нив, преку изборот на ликовите, имаат и внатрешна поврзаност („Подвижни гробови, Враќање во сказните и Уткини соседи). Романите, пак, преку избраните ликови ја исцртуваат сликата на македонската дијаспора, односно целокупната духовна и социоекономска состојба на македонските иселеници во Австралија и Америка. Секое негово дело го исцртува патот на туѓинецот во обид тој да си обезбеди статус и вредност на достоинствен човек. Романот Рогот на љубовта зборува за отуѓувањето, но од аспект на политичката репресија во педесеттите години на минатиот век. Неговите дела се книжевен, но и социолошки материјал кој целосно ги бележи процесите на емиграција на Македонците во поширок историски период и особено во годините кога и самиот Павловски бил дел од нив. Приказните за иселениците, меѓу кои дел се и дојденци од различни земји, истовремено ги бележат не само личните, човечки судбини туку и општествените движења и настани од крајот на дваесеттиот век – како падот на Берлинскиот ѕид и распадот на Југославија (Америка, Америка). Раскажувачкиот стил на Павловски се заснова на најважните алатки на реализмот, на набљудувањето и искуството. Неговиот номадски животен стил го соочува со многубројни автентични животни приказни кои наоѓаат свое место и рефлексија во неговото творештвото. Од тие причини, творечките постапки ставаат акцент на објективизација на ствaрноста, на описи (во функција на засилување на чувството на носталгија) и на активни дијалози. Ликовите се обликуваат во согласност со општествените односи и во однос на општеството и со невидливите и посредни механизми за обезличување и подвојување на внатрешната човекова природа. Постапките и карактерите на неговите ликови се силно мотивирани токму од овие околности и од поширокиот сплет национални, социјални, културни, економски и психолошки аспекти. Неговите дела отвораат истовремено и психолошки, етички и егзистенцијални прашања и дилеми (Проклетства, Црвениот хипокрит, Миладин од Кина). Во оваа насока, во дел од неговите приказни се испреплетуваат документарни и патописни елементи (Патување со љубената).

Творештвото на Павловски кај дел од македонската литературната критика предизвика контроверзни реакции поврзани со оригиналноста на некои негови романи (Вангелов, 1992). (Т. Ќ.)

  • Автор

    БОЖИН ПАВЛОВСКИ

  • 7.I 1942, с. Жван, Демирхисарско, -

  • современа книжевност

  • автор роман


Опус

 Миладин од Кина. 1967. Скопје: Мисла; Лудисти. 1969. Скопје: Мисла; Македонците зад екваторот. 1971. Скопје: Мисла; Дува. 1973. Скопје: Мисла; Вест Ауст. 1977. Скопје: Мисла; Одбрани раскази и записи. 1984. Скопје: Мисла; Црвениот хипокрит: роман за немоќта и моќта. 1984. Скопје: Македонска книга, Мисла; Уткини соседи: пофалба на природата. 1987. Скопје: Македонска книга; Болеста на коренот. 1988. Скопје: Мисла; Враќање во сказните. 1989. Скопје: Македонска книга; Дува и болвата: лирски роман. 1997. Мелбурн; Скопје: Матица македонска; Подвижни гробови. 1998. Мелбурн; Скопје: Матица македонска; Патување со љубената. 2000. Скопје: АЕА, Мисла; Египетска сонувалка. 2002. Скопје: АЕА, Мисла; Роман за моето заминување: [од Исток на Запад]. 2002. Скопје: АЕА, Мисла; Тага за мојата прва татковина. 2002. Скопје: АЕА, Мисла; Назад кон разумот. 2003. Скопје: АЕА, Мисла; Изгубени во рајската градина. 2004. Скопје: АЕА; Мирисите на доилката. 2005. Скопје: АЕА, Мисла; Убавицата и Мародерот. 2006. Скопје: АЕА, Мисла; Зима во лето: [роман]. 2007. Скопје: Матица македонска: АЕА, Мисла; Се викам Хај Гудбај: и антихеројот мечтае да стане херој. 2008. Скопје: АЕА, Мисла; Светлечкиот поток. 2010. Скопје: АЕА, Мисла; Сенка во Името: извадоци од пpоза во пpодолженија. 2012. Мелбуpн: Австpалиско-македонски неделник; Рогот на љубовта. 2013. Скопје; Мелбурн: АЕА; Градинар, пустина. 2015. Скопје: Матица македонска; Америка, Америка. 2016. Скопје: Матица македонска; Монахот од Тамнава. 2018. Скопје: Матица македонска; Мемоари на задоцнетиот романтичар. 2019. Скопје: Матица македонска; На пат за Ахасферија: роман за гревот и доблеста. 2020. Скопје: МАНУ, Матица македонска. 


Библиографија

Георгиевски, Христо. 1983. Македонскиот роман 1952 1982. Скопје: Мисла.Друговац, Миодраг. 1986. Повоени македонски писатели II. Скопје: Наша книга.; Вангелов, Атанас. 1992. Преписите на Божин Павловски. Скопје: Македонска книга