• Наслов

    ВЕСТ АУСТ

  • Автор

    БОЖИН ПАВЛОВСКИ

  • Година на издавање

    1978

  • Категорија

    современа книжевност

  • роман

Опис на делото

 Романот Вест Ауст е една од најпреведуваните книги во македонската современа литература и прв македонски роман преведен на француски јазик. Во 1978 година Божин Павловски ја добива наградата „11 Октомври“ за овој роман.

Вест Ауст е реалистичен роман и автентичен приказ на трагизмот на животот на печалбарите во Австралија во педесеттите години на минатиот век. Настаните се предадени по хронолошка ред, со акцент на неколку ликови истовремено. Со детали од животот во сите негови аспекти (луѓето, просторот, природата), композицијата на романот е базирана на опис на атмосферата на островот Филип Ајланд и локалното гратче Кук Поинт. Главните ликови се печалбари од Македонија, кои заедно со останатите дојденци од други земји ја создаваат заедницата туѓинци во ветената земја. Романот ја прикажува нивната колективна судбина и идентитет. Приказната ја сочинуваат испреплетените лични приказни на генерацијата стари и нови печалбари: Гоце Алтин и неговите браќа (Даме и Војнило), Џими Змијата, Ана, Илија Грабливиот, Џони, Маноли и Виченцо. Нивните ликови се градат преку настаните кои го одредуваат нивниот карактер.

Во приказната за печалбарите се проткаени лични, национални, социјални, психолошки и филозофски аспекти на егзистенцијата. Печалбарството како тема овде не е прикажано низ призмата на елементите на традицијата (заминувањето, обичаите), туку низ длабока, емотивна и лична приказна за животот на македонските печалбари во Западна Австралија. Дејствувањето на ликовите е подлога на која се развиваат психолошки размислувања за смислата на човековата егзистенција во трката за подобар живот, среде услови и околности коишто ги поставува современиот капиталистички свет. Островот Филип Ајланд е своевидна метафора за низа внатрешни и надворешни конфликти како судир на вредности, култури, однесувања и на перцепции на животот. Филип Ајланд е метапростор, круг на животот на осамените и отуѓените работници, беспомошно соочени со искушенијата на мачната потрага по подобар живот. Островот е простор на кој се судираат надежите и разочарувањата, заминувањето и враќањето, вербата дека ќе биде подобро и илузијата и сиромаштијата како проклетство и лажната благосостојба на големиот свет. Приказната во романот не е фокусирана на еден единствен лик.

Романот го обликуваат галерија ликови кои ја создаваат колективната слика на печалбарите. Низ нивните приказни се прикажуваат силни човечки емоции: отуѓеност, осаменост, неприпадност, туѓост, носталгија, копнеж по семејството, младоста, страста, желбата да се има дете и трагичното страдање по децата оставени на другиот крај на светот. Романот Вест Ауст не е само роман за печалбарството како социјална и општествена тема туку и роман за отсуството и вечната потрага како смисла на сите заминувања. (Т. Ќ.)


Библиографија

Бошковски, Петар. 1978. Автономен свет. Разгледи бр. 6, стр. 174 -178.; Старделов, Георги. 1981. Универзалноста на една македонска тема. Скопје: Култура.; Георгиевски, Христо. 1983. Раскажувачка зрелост. Македонскиот роман 1952 1982. Скопје: Мисла.