Живот и дело

Поезијата на Мартиновски е една голема ода на радоста којашто тој несебично ја споделува и ја дарува, како да сака да ја умножи, апологија на животната енергија, прослава на постоењето, на малите секојдневни чуда во кои се крие цел еден универзум.

македонски поет, раскажувач, есеист, книжевен критичар,

македонски поет, раскажувач, есеист, книжевен критичар, преведувач, антологичар, универзитетски професор. Се занимава и со други уметности: музика, сликарство, фотографија. Една од водечките личности на нашата современа поезија. Исклучителен талент, оригинален, автентичен, космополитски ориентиран, надарен со чувства и фантазија, духовит и многустрано образован. Го нарекуваат творец на „стихови за сите сетила“ (Стојменска-Елзесер 2010: 96) или оној кој ги измирува и хармонизира „сликата, зборот, музиката и движењето“ (Џепароски 2010: 99), го сметаат за поет кој знае да започне разговор со секого и со сѐ во вселената“ (Merrill 2017), за „концептуален уметник од најредок, речиси искоренет, или барем заборавен вид во нашето сурово, безмемориско секојдневие“ (Ќорвезироска 2016: 130). Препознатлив е по бравурозните поетски остварувања вдахновени од копнежот по непознатото, од играта сфатена како животна филозофија на светот надвор и внатре во нас“ (Танески 2014: 85).

Дипломирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески во Скопје, на Катедрата за општа и компаративна книжевност, каде што работи како редовен професор, а докторирал на Универзитетот Париз IIISorbonne Nouvelle. Бил уредник во македонското хаику списание Мравка, а член е и на редакциите на електронското списание Блесок и на списанието Културен живот. Претставник на Македонија во Европската платформа за поезија Versopolis. Член е на Македонскиот ПЕН центар, актуелен член на претседателството на Друштвото на писателите на Македонија, како и на УО на Струшките вечери на поезијата.

На книжевната сцена, Мартиновски се јавува со збирката хаику Морска месечина во 2003 година и овој негов афинитет кон споменатата древна јапонска форма, мошне популарна на преминот на милениумите на балканскитe простори и пошироко, останува негова трајна инспирација. Мартиновски го инаугурира и хаибунот како жанр во македонската литература – еден вид патопис, симбиоза на кратката проза и хаику поезијата. Овој хибриден жанр поседува моќ за промена на сликата на светот преку зен филозофијата инкорпорирана во неговата структурна мисловна матрица.

Првата книга стихови на Мартиновски, Квартети (2010) со својот поднаслов: „за читање, гледање, пеење и слушање“, експлицитно го нагласува интермедијалниот карактер на неговата поезија. Стиховите во секоја следна стихозбирка орбитрираат околу еден стожерен мотив: љубовта (Побрзај и почекај, 2011), танцот (Пред и по танцот, 2012), мимесата на водата (Вистинска вода, 2014), екосвест (Внатрешни планини, 2016), сонот (Сонувани и будни песни, 2017) или стравот (101 сонет од една чудна пролет, 2020). Архитектониката на досегашното поетско дело на Мартиновски се одликува со доследност во поглед на комбинаторичката игра со различните уметности и гранични жанри, со монтажа и хибридизација на воковизуелното и апстрактното, како и со суптилен премин од минијатурните стихувани хаику форми кон еден покомплексен поетско-прозен израз, од типот на песната во проза. Сеедно дали „црта со зборови“ (Аврамовска 2010: 100) или музицира со бои, дали ги слуша акордите на древните хаику мајстори од Исток или ехото на уметничките векови од Запад, дали алудира на некоја омилена џез-мелодија или цитира некој возбудлив стих од македонски автор, Мартиновски е суверен господар на „креативната фантазија“ во бодлеровска смисла на зборот. Поезијата на Мартиновски е една голема ода на радоста којашто тој несебично ја споделува и ја дарува, како да сака да ја умножи, апологија на животната енергија, прослава на постоењето, на малите секојдневни чуда во кои се крие цел еден универзум. „Мартиновски е поет што на еден блескав начин го спојува знаењето со играта, ученоста со имагинацијата, дисциплината со слободата“ – ќе рече Влада Урошевиќ (2019: 277).

Владимир Мартиновски е автор и на една прозна книга – Зоостории (приказни за луѓе и животни, 2019), како и на две поетски книги за деца.

Неговите песни се преведени на дваесетина јазици. Самиот преведува од француски и англиски на македонски јазик.

Добитник е на наградите: „Нова Македонија“ (за расказ, 2009), „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата (за Квартети, 2010), „Димитар Митрев“ на Друштвото на писателите на Македонија (за книжевна критика, Зоон поетикон, 2013), „Витез на македонскиот пишан збор“ (2014), „Антеов златник“ (2020) и „Лирата на Орфеј“ (2020). „Почесен писател“ е на Универзитетот во Ајова, како учесник на International Writing Program (2017). (Л. К. Д. )

  • Автор

    ВЛАДИМИР МАРТИНОВСКИ

  • 24.VII 1974, Скопје -

  • современа книжевност

  • автор


Опус

 Морска месечина. 2003. Скопје: Магор (хаику и танка); Скриени песни. 2005. Скопје: Магор (хаику); И вода и земја и оган и воздух. 2006. Скопје: Магор (хаику); Ехо од бранови. 2009. Скопје: Или-илиаибуни); Квартети: за читање, гледање, пеење и слушање. 2010. Скопје: Кликер книги (поезија); Побрзај и почекај / Hurry un and Wait. 2011. Скопје: Кликер книги (песни во проза) (препев на англиски: К. Јанева); Пред и по танцот. 2012. Скопје: Кликер книги (поезија); Околу Европа (заедно со Петра Хулова, Зудабе Мохавез и Кристин Димитрова – на македонски, чешки, германски и бугарски јазик). 2012. Скопје: Темплум (проза); Вистинска вода. 2014. Скопје: Кликер книги (поезија); Внатрешни планини. 2016. Скопје: Кликер книги (поезија); Мачка во магла. 2016. Скопје: Темплум (хаибуни); Небо без ѕвезди. 2016. Скопје: Или-или (хаибуни); Сонувани и будни песни / Dream and Awake Poems. 2017. Скопје: Кликер книги (поезија) (препев на англиски: М. Дамјаноски); Зоостории (приказни за луѓе и животни). 2019. Скопје: Бегемот (раскази); 101 сонет од една чудна пролет. 2020. Скопје: Кликер книги (сонети). 


Библиографија

 Аврамовска, Елизабета. 2010. „Цртање со зборови“. Поговор во: В. Мартиновски, Квартети: за читање, гледање, пеење и слушање, Скопје: Кликер книги, 100.;  Merrill, Cristopher. 2017. В. Мартиновски, Сонувани и будни песни / Dream and Awake Poems. Скопје: Кликер книги / Kliker Books (текст на корица).; Стојменска-Елзесер, Соња. 2010. „Стихови за сите сетила“. Поговор во: В. Мартиновски, Квартети: за читање, гледање, пеење и слушање. Скопје: Кликер книги, стр. 96-97.; Танески, Звонко. 2014. „Вистински поетски водотек“. Поговор во: В. Мартиновски, Вистинска вода. Скопје: Кликер книги, стр. 85-87.; Ќорвезироска, Оливера. 2016. „Големите стапала на бројот 4“. Поговор во: В. Мартиновски, Внатрешни планини. Скопје: Кликер книги, стр.127-139. Урошевиќ, Влада. 2019. „За сонот и за будењето“ (Владимир Мартиновски, „Сонувани и будни песни“, Скопје: Кликер книги. Скопје, 2017). МАНУскрипт бр. 2, стр. 273-277.;  Џепароски, Иван. 2010. „Звукот на квартетите.“ Поговор во: В. Мартиновски, Квартети: за читање, гледање, пеење и слушање, Скопје: Кликер книги, стр. 98-99.