• Наслов

    КВАРТЕТИ

  • Автор

    ВЛАДИМИР МАРТИНОВСКИ

  • Година на издавање

    2010

  • Категорија

    современа книжевност

  • поезија

Опис на делото

 книга поезија на Владимир Мартиновски, за која ја добива престижната награда „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата. Со поднасловот на книгата: „за читање, гледање, пеење и слушање“, авторот експлицитно го нагласува интермедијалниот карактер на оваа стихозбирка. Оттаму и мислењето дека Квартети претставува „симфонија од емоции и слики – музикални цртежи од поезија“ (Аврамовска 2010: 100). Квартети, во многу нешта, претставува амблематска стихозбирка на Мартиновски. Во арспоетичката „Распната песна“ од неговата најнова книга стихови (101 сонет од една чудна пролет), лирскиот субјект, профилирајќи ја суштината на песната, ќе рече: „Левата рака ѝ посега по звуци“, „Со десната нога се фаќа за бои“, „Левата нога ѝ е врз стари книги“, „Со десната рака запишува бајки“. Во игра е препознатливиот поетски квартет на нашиот поет: звучност, визуелност, ученост и имагинација, по аналогија на четирите универзални елементи, како четири стожерни столбови, четири каријатиди врз кои се темели поезијата на Мартиновски. Притоа, идејниот аспект на поезијата кореспондира со нејзиниот формален концепт: бројот четири (квартетот), многу често се манифестира и низ композициската структура на стихозбирките на Мартиновски, во духот на неговата богата и поливалентна симболика – хармоничност, совршенство, целост, севкупност, универзалност... Придонесот за визуелната поезија во нашиот книжевен ареал, јазичните (звучни и графички) решенија, поетскиот лудизам, алузијата на суштинските дилеми на нашата егзистенција доловени на еден суптилен и лаконски начин, еросот на животот, досетката како естетска епифанија, цитатноста и асоцијативноста, слободата на „пеењето и мислењето“..., се само некои од одликите на стихозбирката Квартети кои ќе ги профилираат и останатите поетски остварувања на Мартиновски. Нагласувајќи го интермедијалниот карактер на стихозбирката, Стојменска-Елзесер се осврнува во тој поглед на влогот на Мартиновски за целокупната македонска поезија, а во контекстот на источната и западноевропската културна традиција: „Досега во македонската поезија никогаш не сме ја сретнале толку концентрирано и експлицитно желбата на јазикот да отскокне самиот од себе, да се нурне кон вонјазичното, визуелното и музичкото, како во стихозбирката Квартети од Владимир Мартиновски. (...) Европските искуства на carmina figurata, на Аполинеровите Калиграми, на футуристичките заумни стихови, на надреалистичките прекрасни трупови и дадаистичките поигрувања, но и на древните јапонски ренги, на хаику и другите проблесоци на источната вербо-воко-визуелност се сплотуваат во поезијата на Мартиновски во една продуховена и луцидна, разумско-сетилна, длабоко емотивна, интимна и комуникативна симбиоза, што прераснува во специфичен македонски пандан на универзалната поетска потрага по ненасетените можности на интермедијалните преплетувања“ (Стојменска-Елзесер 2010: 96). „Морско коњче“, „Пеги“, „Летечка баклава“, „Балонот се надува“, „Наместо чадор“, „Меѓу огледала“... се само некои од песните кои се спој на говорот и сликата. „Внатрешна музика“, „Џез-квартет“ и „Езгии“, пак, се наслови на одделни циклуси песни кои упатуваат на синергијата помеѓу зборот и звукот. Сеедно дали се читаат, се гледаат, се пеат или се слушаат, песните од оваа стихозбирка се одликуваат со една „космополитска ориентираност“ проникната со „чистотата и леснотијата на еден речиси детски поглед на светот“ (Урошевиќ 2019: 273). За илустрација на оваа непретенциозна, спонтана, едноставна, но мошне асоцијативна и впечатлива лирика, нека послужи почетокот на песната „Преобразби“: „Кога те нема се претворам за час во сончоглед без сонце, / во книга без букви, во дом без врати, во дожд без капки, / во контрабас без жици, во тротинет без предно колце, / во часовник без стрелки, во стих без антички стапки...“ „Во прашање не е повеќе (само) несигурноста на нашето сознание пред вистинската природа на нашето битие (...): она што го кажуваат песните на Мартиновски со својата листа на преобразби ја открива сета космичка поврзаност на сите нешта во вселената и можноста за нивното заемно разменување на местата“ – ќе запише Урошевиќ (2019: 274) по повод чудесните метаморфози во оваа поезија, сфатени како преточување на енергијата во материја, и на материјата во енергија. Со многу полет, ерос и со восхит од животот, „поезијата на Мартиновски ни поттикнува длабоко читателско задоволство во коешто учествуваат сите сетила“ (Стојменска-Елзесер 2010: 97). (Л. К. Д. )


Библиографија

 Аврамовска, Елизабета. 2010. „Цртање со зборови“. Поговор во: В. Мартиновски, Квартети: за читање, гледање, пеење и слушање. Скопје: Кликер книги, стр. 100 ; Капушевска-Дракулевска, Лидија. 2019. „Владимир Мартиновски.“ Книжевници-наставници од Филолошкиот факултет. Скопје: Филолошки факултет „Блаже Конески“, стр. 341-347.; Стојменска-Елзесер, Соња. 2010. „Стихови за сите сетила“. Поговор во: В. Мартиновски, Квартети: за читање, гледање, пеење и слушање. Скопје: Кликер книги, стр. 96-97.; Урошевиќ, Влада. 2019. „За сонот и за будењето“ (Владимир Мартиновски, „Сонувани и будни песни“, Скопје: Кликер книги. Скопје, 2017). МАНУскрипт, бр. 2, стр. 273-277.; Џепароски, Иван. 2010. „Звукот на квартетите.“ Поговор во: В. Мартиновски, Квартети: за читање, гледање, пеење и слушање, Скопје: Кликер книги, стр. 98-99.