македонски поет, прозаист и преведувач. Важи за еден од најоригиналните и најавтентичните поети кај нас, со исклучителна разновидност во поглед на лирските и лирско-епските видови кои ги негува (сонети, псалми, елегии, лирски минијатури, поеми). Основна одлика на поезијата на Ренџов е аудитивноста, склоноста кон звучна оркестрација на зборот. Песната станува предмет на пеењето, а богатата лирска имагинативност на поетот го проширува и продлабочува нејзиниот асоцијативен поттекст.
Завршил гимназија во родниот град, а Правен факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Долги години работел во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ како советник по библиотекарство и во одреден период бил директор на оваа институција. Член е на Македонскиот ПЕН центар и на ДПМ од 1965 г.
Првите песни Михаил Ренџов ги печати во 1955 г. во весникот Млад борец како гимназијалец. Дебитира со стихозбирката Иселеник на огинот (1965), со која се вклучува во т.н. „неосимболистичка струја“ од втората половина на 60-тите години на минатиот век, заедно со Чедо Јакимовски и Атанас Вангелов. Сите тие се ориентирани кон своевидна симболизација на поетскиот говор, при што обично еден симбол (огнот кај Ренџов, морето кај Јакимовски и цветот кај Вангелов) се зема како темелно јадро околу кое циклусно се гради поетскиот исказ. За припадниците на оваа струја е карактеристично уште свртувањето од метафоричкиот кон метонимискиот израз, при што самата песна станува предмет на поезијата во валериевска смисла. Подоцна, Ренџов ја напушта неосимболистичката струја и спонтано се препушта на својата чувствителност, своето доживување и својата имагинативност (Đurčinov 1988: 82).
Следните две збирки –
Ноќно растење на зборот (1967) и
Каде од оваа страна (1968) ја продолжуваат започнатата амбиција на поетот: да се најде некоја „рамнотежа“ меѓу сликата и звукот на песната, а дури со појавата на книгата
На работ од сонот (1972), дефинитивно почнува нова фаза во развојот на поетското писмо на Ренџов, која критиката ја означува како „триумф на звукот“ (Андоновски 2006: 291). „Надоврзувајќи се на фолклорните матрици, на Константин Миладинов, кој музицирал на кавал и шупелка, и на Кочо Рацин, кој свирел на окарина, Михаил Ренџов е поет-музичар, кој уште од првите стихови, па сè до единствената македонска стихозбирка целосно посветена на еден инструмент (
Окарина, 2015), преку секоја песна ја покажува и ја докажува симбиозата меѓу музиката и поезијата“ (Мартиновски 2020: 5). Впрочем, интермедијалниот аспект на неговата поезија е повод за многубројни музички, театарски и филмски остварувања. Ренџов е автор и на единствената поетска книга целосно посветена на нерешкиот фрескопис на црквата „Св. Пантелејмон“,
Нерези (1982), која покрај несомнената екфразиска природа ја допира и темата на сакралното во поезијата, ќе кулминира во неговите
Псалми (2000). Книгата
Нерези, според критиката, е клучна и според свеста на поетот за конвертибилноста на звукот и сликата, од една страна, а од друга, за постепената драматизација и дијалогизација на неговите песни, која го води кон поемата како жанр.
Во поемите на Ренџов: Тој (1993), Апокалипса (2002) и Предвесница (2009) се преплетуваат неколку невралгични теми: темата за моралниот пад на човекот, митската тема за есхатологијата, што имплицира нова космогонија, како и темата за потребата од возобновување или одново раѓање на темелните етички вредности.
Веројатно повеќе отколку кај другите наши поети, творештвото на Ренџов е исполнето со свест за себеси, во смисла на посветената функција на уметноста. Но, иако се движи низ апстрактни сфери, поетот не се одрекува од конкретни, сетилни доживувања: вонреден пример е стихозбирката Полноќ (1979) која ја внесува топиката на морето (Медитеранот). Култот кон творештвото, пак, доминира од Феникс (1987), каде артизмот на формата, сонетот, успешно кореспондира со симболиката на птицата феникс како ликовен или книжевен приказ на алхемичарскиот Камен на мудроста, преку збирките Вечната, бесконечната (1996), Јас, Оксиморон (1998), Сонети (2010) и Издишки (2013), сè до Јас. Елегии (2017) која творечки ги хармонизира поетската онтологија, елегичниот тон и сонетната форма, како тријада-резиме на творештвото. Најновиот поетски ракопис на Ренџов, Зраци (2023), претставува серија од лирски минијатури, елиптични поетски вињети, мудри сентенци и афоризми.
Раскази за Захариј (2004) е единствена збирка раскази на Ренџов во која авторот тематизира сеништа и суштества отаде гробот, со што дава свој оригинален придонес за т.н. фолклорна фантастика во македонската книжевност.
Од неговата преведувачка дејност посебно внимание заслужува препевот на асиро-вавилонски еп Гилгамеш (три изданија: 1994, 1997, 2000).
Добитник е на наградите: „Ноемвриска награда на градот Штип“ за Иселеник на огнот (1965), „11 Октомври“ за Нерези (1982), „Браќа Миладиновци“ (двапати, за Нерези во 1982 и за Јас. Елегии во 2017 г.), “Grand prix international” за севкупно творештво, Романија (1997), „Григор Прличев" (за препев на книгата Тиранија на сонот од Каролина Илика, 1983), „Златно перо“ (за препев на книгата Мудрости и горчини од Дритеро Аголи, 1998), „Ацо Шопов“ на ДПМ за Јас, Оксиморон (1999), Македонска номинација за наградата „Балканика“ (2000), „Рациново признание“ за Захариј и други раскази (2004), „Кочо Рацин“ за Галичица (2007), „Григор Прличев" за најдобра поема (двапати, за Тој во 1993 и за Предвесница во 2009 г.), „Книжевен жезол“ на ДПМ (2020) и др. (Л. К. Д.)