• Наслов

    ПСАЛМИ

  • Автор

    МИХАИЛ РЕНЏОВ

  • Година на издавање

    2000

  • Категорија

    современа книжевност

  • поезија

Опис на делото

Се смета за круна на творештвото на Михаил Ренџов. Тоа е збирка од 112 песни – псалми, кои се, во суштина, неповторливи дијалози, мудрости, поенти, вечни вистини, безвременски референци, сублимирани лични искуства. Ренџов во своите Псалми, како што објаснува во „Белешките“ на крајот од книгата, го следи образецот на старозаветните библиски псалми на Давид и Соломон. Со други зборови, тие се блиски како на идејно-мотивско така и на формално-стилско рамниште. Во своите псалми Ренџов ја реактуализира библиската псалтирска конвенција според која со песната се слави Бог преку обраќање/молитва, од една страна, а од друга, и јазичните спреги наликуваат на оние во канонизираните лирски записи, при што нашиот поет ги презема библиските епитети кои му се придаваат на Бог: „Оче мој“, „Севишен“, „Сеприсутен“, „Возвишен“, „Благовник“, „Милостив“, „Преблажен“. Но, иако се посмодернистички и интертекстуално се повикуваат на библиската и христијанската традиција, псалмите на Ренџов се длабоко лични, оригинални креации низ кои се кристализира животната мудрост на поетот која гласи: „јас сум песна, песната е светлина, светлината е Бог“. Според критиката, Ренџов го подготвува теренот за своите псалми во текот на целиот свој претходен творечки пат: „од силни модернистички шок-слики, од каприциозни метафори, преку целосно затворање на песната во звук и камбани (сонети), потем преку поентистичка поезија, до целосно ‘собирање’ на исказот во дестилат од зборови упатени кон Бога и небесата во Псалмите“ (Андоновски 2006: 305). Со други зборови, зачетокот на склоноста на поетот кон поенти се врзува за стихозбирката Нерези (1982), а клучна функција одигрува книгата Вечната, бесконечната (1996) со радикално економичниот поетски исказ, при што сета песна се собира во една поента. Еволуцијата на тоа семантичко згуснување на песната кулминира со книгата Јас, Оксиморон (1998) во која се чувствува веќе истата сакрална, епифаниска атмосфера како во Псалмите. Токму од Јас, Оксиморон (конкретно, од песната „Псалтирион“) е преземена и воведната песна на Псалмите: „Кога ги подготвувам / Зборовите за песна / Рацете ми се склопуваат / За молитва. // Однекаде го слушам / Гласот на Соломон: / ‘Пред тебе е светиот храм / Од мене соѕидан / Во него влези и ти / Псалми / И / Молитви’“ (Ренџов 1998: 9). Експлицитното поврзување на создавањето на песната со молитвата упатува на поетовото верување во сакралната вредност на песната. Ваквиот однос на Ренџов спрема песната и спрема нејзиниот основен градбен елемент – зборот, кореспондира со светоста на зборот во христијанството. Ренџов „во зборовите влегува како во храм, а влегувајќи во нив влегува во себе, затоа што тие сега се директен, длабок говор на битието, кое е храмовно и во сите нешта што влегле од земниот профан свет нужно стануваат просветлени и свети. Тие тука стануваат есенција, чиста јатка на ‘внатрешната збитост’ (‘Псалм 80’)“ – пишува Ефтим Клетников во една своја студија (2006: 171).

Псалмичниот пев на Ренџов е симбиоза на елегиското и химничното чувствување на микро и макрокосмосот. Се смета дека таа своевидна „симфонија од акустични слики“, тоа „молитвење и псалмеење“ на нашиот даровит поет се остварува со убави ритмични следови, како еден вид мантра со која лирскиот субјект доаѓа до Заумот барајќи го бесконечниот мир.

Во оваа книга на Ренџов се доведени до крајна граница клучните одлики на неговото поетско писмо: гномскиот поетски израз и редукционизмот на лексичкиот материјал, но пред сè, опседнатоста од самиот чин на пеењето. Псалмите на Ренџов се длабок поетски говор за драматичната и трагична судбина на човекот воопшто, но во тој говор, кој, неретко, добива есхатолошки призвук, се насетува новото раѓање и надеж, преобразбата од темнина во светлина, од болка во радост.

Според критиката, Псалми е книга во која е вградена поетската традиција на определен цивилизациски слој и таа е илустративна за придонесот на Балканот како света врата низ која христијанството ја облагороди Европа. (Л. К. Д.)


Библиографија

Андоновски, Венко. 2006. „Слово за Светолик Михаил“. Поговор во: Михаил Ренџов, Лирика. Избрани дела, книга 1. Избор и поговор: В. Андоновски. Скопје: Менора: 281-308.; Клетников, Ефтим. 2005. „Јазик – молитва. Кон второто издание на Псалмите од Михаил Ренџов“. Поговор во: М. Ренџов. Псалми и сонети, Избрани дела, Книга 3, Скопје: Менора: 161-176.; Ренџов, Михаил. 1998. „Псалтирион“. Јас, Оксиморон. Скопје: Сигмапрес, 9.; Ренџов, Михаил. 2000. Псалми. Скопје: Табернакул. ; Спасовска, Сузана В. 2001. „Михаил Ренџов, Псалми. Разгледи, год. 47, бр. 3-4.