МАЈСКИ, НИКОЛА КИРОВ (28.VI 1880, Крушево – 2.VIII 1962, Софија), e македонски публицист, драмски автор, поет, раскажувач, револуционер и учител, емигрант, еден од идејните творци на Крушевската република и нејзиниот Манифест.
По завршувањето на основното образование во Крушево, Мајски го продолжува школувањето во Битола и Солун. Уште како млад, под влијание на семејството и неговиот учител Пере Тошев, се вклучува во тековите на Македонската револуција, влегувајќи во редовите на ТМОРО. Во два наврата (1902/1903 и 1905/1906) бил учител во с. Баница, Леринско, а во меѓувреме активно учествува во Илинденското востание предводено од братучед му Никола Карев. Тогаш го составува и Крушевскиот манифест, што подоцна го вметнува во драмата
Илинден заедно со дел од авторската песна „Илинден“
. По пропаѓањето на востанието бил во служба на Егзархијата како директор на училишта во Дебар и Ресен, потоа бил назначен за училиштен инспектор во Охрид. Во текот на Втората балканска војна емигрира во Софија каде што, соработувајќи со македонските емиграциски друштва, се оддава на организациска и публицистичка дејност. По ослободувањето на СР Македонија повеќепати ја посетувал својата татковина и ја предал сета своја книжевна оставина на Историскиот музеј во родното Крушево (копии од неа се чуваат во Архивата на ИНИ, Скопје). Починал во Софија на Илинден.
Во литературниот опус на Никола Киров Мајски влегуваат песни, раскази, драмски текстови и драмолетки, историско-белетристички текстови, монографии и мемоари кои иако според критиката не поседуваат високи естетски вредности, сепак имаат книжевно-историско значење засновано на проблематиката што ја обработуваат, времето во кое се појавуваат и јазикот на кој се напишани. Десетина свои песни со патриотска содржина, инспирирани од народната песна, Мајски за првпат успеал да ги издаде во календарското издание насловено Крушово, во Софија 1909 г., што самиот го финансирал. Во периодот што следел интензивно пишувал и ја подготвил збирката од стари и нови песни под работен наслов За Македонија. Во 1922 г. Мајски ќе се обиде да ја објави збирката со финансиска помош на ЦК ВМРО, но таа ќе биде цензурирана од Комитетот. Еден од членовите на комисијата, Јордан Бадев, на Мајски му забележал дека збирката е пишувана на „некаков македонски јазик, за кој сите знаат дека не постои, и дека би било во негов интерес да се коригира“ (Стоичовски 1990: 361). Но, и покрај заканите на Бадев, Мајски продолжил да пишува и да печати на македонски јазик. Во 1923 г. ја издал драмата Илинден на крушевски говор, која токму поради својот чист македонски јазик останала незабележана од страна на бугарскиот печат, иако Митрев го наведува податокот дека таа неколкупати со успех била изведувана во Крушевскиот културен дом во Софија (Митрев 1987: 60-61). Покрај оваа драма, Мајски успеал да публикува само уште две свои дела: Крушово и борбите му за слобода (мемоари, Софија, 1935) со фокус на неговата омилена тема – Крушево и Македонија и Светлосенки (раскази и скици, Видин, 1942), која содржи десетина реалистични раскази и белешки за истакнати борци, ученици и курири кои претставувале основа за историјата на едно бурно време. Мајски е надарен и речит наратор, кој во центарот на своето внимание ги става мажот и жената од Македонија, нивниот менталитет, чувствата, стремежите и односите со другите. Во ракопис останале поголем број од неговите дела, меѓу кои и тринаесетте сценски изведувани драмолети Сценки (со поговор од авторот),посветени на животот во Крушевско (освен последната посветена на леринскиот крај). (Ј.М.-Г.)