• Наслов

    ИЛИНДЕН

  • Автор

    НИКОЛА МАЈСКИ (КИРОВ)

  • Година на издавање

    1923

  • Категорија

    современа книжевност

  • дело драма

Опис на делото

Драмата Илинден на Никола Киров Мајски е публикувана во Софија и е пишувана на македонски народен јазик – на крушевско говорно наречје (со дидаскалии на бугарски јазик), поради што наишла на жестока осуда од официјалната бугарска критика.

Драмскиот првенец Илинден (1923) на Никола Киров Мајски е „втората пиеса – по Македонска крвава свадба (1900) од Чернодрински – со мотив од национално револуционерните борби од илинденската епоха“ (Д. Митрев 1987: 60). Темата и композицијата се експлицитно посочени во поднасловот на драмата – Слики од великото македонско востание през 1903 година.
Дејството на драмата се одвива во дните непосредно пред објавувањето на востанието и во првиот ден од востанието. Во првите сцени се дадени сликите на подготовките на двата табора (турскиот и македонскиот) за востанието преку забрзан натпревар, што е и основниот стожер врз кој се развива главното дејство на драмата. За Турците подготовките се состојат од: свикување на турските првенци, изготвување на списоци за спроведување на масовни апсења и ликвидација на сомнителни лица, додека за востаниците подготовките се однесуваат на: леење на куршуми, пишување на прокламација упатена до околниот турски народот, поткревање на моралот на востаниците и други организациски активности. Кулминацијата на дејството се постигнува во четвртиот чин преку извикот „Јашас’н Македонија!“ – изговорен по завршувањето на читањето на повеќе значајни документи (Манифестот на Крушевската Република, писмото на Востаничкиот штаб до турското население од с. Алтанци) – со кои се повикува на сенародно востание на различни јазици. Во петтиот чин е дадена еуфоричната слика на славењето на победата на востаниците со радосни извици и пеење на песната на Мајски – „Илинден“.
Како и прикажаните настани, повеќето од ликовите одговараат на реалните прототипови, дадени со исти имиња како во реалноста. Тоа се ликовите на Никола Карев, Тодор Христов, Сулејман, предавникот Таќу Вале, Зендил-ефенди. Во драмата се појавува и самиот писател Мајски, кој се препознава во ликот на Даскалот – близок соработник на Карев – преку кого се организираат сите акции за успешно спроведување на востанието. Турските ликови исто така се дадени автентично, без тенденциозно оцрнување, без психолошка усложнетост, без непотребна театралност. Од нив посебно се истакнува ликот на Сулејман – началникот на гарнизонот во Крушево, кој се одделува од другите турски првенци со сериозност и воздржано однесување.
Од гледна точка на композиција, петте дејства во драмата немаат некоја особена динамика и цврсто единство. Во неа повеќе доминира нарацијата отколку драматиката, што се должи на фактот што самиот автор е учесник во востанието и историограф на Крушево и неговите борби за слобода. Според идејниот, етичкиот и естетскиот пристап, Мајски се легитимира како реалист кој ја изнесува вистината за револуционерниот и општествениот идеал на Крушевската Република од видлива историска дистанца.

Иако со скромен сценско-уметнички израз, оваа драма во издание на авторот по повод дваесетгодишнината од Илинденското востание е значајна за македонската книжевна историја како „алка помеѓу Македонска крвава свадба од В. Чернодрински, Црне Војвода од М. Цепенков, Револуционер од Д. Хаџи Динев, од една страна, и драмите на В. Иљоски, А. Панов и Р. Крле, од друга страна“ (Г. Сталев 2003: 84), сите пишувани на македонски народен говор и со слични идејни карактеристики. (Ј. М.-Г.)


Библиографија

 Мајски, Никола Киров. 1976. „Илинден“ во: Македонската драма меѓу двете светски војни. Приредил Александар Алексиев, Кн. 1. Скопје: Македонска книга. стр. 5-43.; Митрев, Димитар. 1987. „Одразот на илинденското востание во уметничката литература“ во: Избор од студии и есеи. Скопје: Македонска литература, стр. 45-87.; Сталев, Георги. 2003. „Никола Киров Мајски“ во: Македонска книжевност 1800 – 1945 II дел. Скопје: Институт за македонска литература, стр. 83-86.