СМИЉАНИЌ – БРАДИНА, ТОМО (13.VI 1888, Тресонче – 10.V 1869, Белград), поет, прозен и драмски писател, автобиограф, просветен работник, етнограф и филолог, соработник на САНУ, експонент на великосрпската национална пропаганда во Македонија. Тој е интелектуалец од македонско потекло, антифашист, воин во една балканска и две светски војни, великосрпски воспитаник, кој „се надминува себе си со самиот факт што поетски проговорува на својот мијачки дијалект“ (Стојановска-Друговац 1994: 11).
Основно бугарско и српско училиште завршил во родното село и Битола (1899), а матура во Српската виша гимназија во Солун (1906). По убиството на татко му од арнаутските качаци, од 1906 до 1911 учителствувал во селата Тресонче, Мелничани и Галичник, грижејќи се за семејството. Во 1911 г. се запишува на Филозофскиот факултет во Белград, но набргу поради почетокот на Балканските војни бил принуден да се врати во Македонија приклучувајќи се на вооружените српски чети во подготовките на војната со Турција. Учествувал во сите српски војни и од Крф бил испратен во Франција каде што ги завршил студиите по географија и историја во Клермон Феран (1917 – 1919). Подоцна се вратил во Македонија и работел како гимназиски наставник во Тетово (1910 – 1921), потоа во Скопската гимназија (1921 – 1927) и во Трговската академија во Скопје (1927 – 1931). Во 1930 г. докторирал на Универзитетот во Клермон Феран, Франција, со докторската дисертација Нашите стари племиња Мијаците и Брсјаците и нивните соседи во Јужна Србија, станувајќи „прв доктор на науки во Македонија“ (Стојановска-Друговац 1994: 7). Од 1931 до 1934 г. бил народен пратеник на Галичко-дебарската околија, потоа бил пензиониран и повторно реактивиран во 1935 г. како инспектор, а од 1940 г. и како началник на Просветното одделение на Вардарска бановина во Скопје. Во 1941 г. се вклучил во Втората светска војна против Германците. Во борбите кај Призрен го загубил слухот и од болница бил префрлен во Скопје, а потоа трајно се преселил во Белград. До 1946 г. бил професор во Учителската школа во Алексинац, и на крај ја завршил својата животна врвица во Белград како пензиониран надворешен соработник на САНУ.
Во книжевната средина најпрво се појавил со прозните записи Мијачки раскази, публикувани на српски јазик во сп. Дело во 1910 г. Додека бил учител во Мијачијата ја напишал книгата за деца Смилје и босилек во која подучува со моралистички тези, но и со тенденциозна национална великосрпска идеологија. Објавувал раскази, научни прилози и критики во весниците и сп. кои излегувале во тоа време: Мал весник (1911), Правда (1912), Балкан (1912), Печат (1914), Пиемонт (1915), Весник на географското друштво (1920), Јужна Србија (1922), Црквата и животот (1922 – 1925), Трговски лист (1925), Народни антиквитети (1925, 1931, 1937), Српски етнографски зборник (1925, 1935), Јужен преглед (1927 – 1930, 1937 – 1938), Стара Србија (1928), Вардар (1933, 1935), Животот и делото (1934), Видици (1939) и Весник на скопското научно друштво (1940). Во 1924 г. Томо Смилјаниќ – Брадина во Скопје ја покренал едицијата „Библиотека Македонија“, која подоцна била преименувана во „Старовремска библиотека“. Во нејзини рамки, на српски јазик излегувале неговите збирки раскази На планината и други раскази од Македонија, збирката Стојна и други раскази од Македонија, драмата Македонските печалбари, спевот Седиот крал, стихозбирката Песнарка, поемата Слободарскиот крал – кралот миротворец, првиот чин од комедијата Идеалисти и цртичката Канонска посета на Река.
Најголемиот дел од творештвото на Томо Смилјаниќ – Брадина било напишано на српски јазик, но и во него внесува елементи на изворниот народен говор од својот мијачки крај. Стиховите кои ги напишал на својот мајчин македонски јазик се настанати во периодот помеѓу 1927 и 1929 г. Тоа се песните пишувани под влијание на народната поезија објавени во збирката
Песнарка. Најголемиот дел од творештво на овој автор во фокусот ја има македонската стварност – па така во драмата
Македонски печалбари (1927, Прилеп) на автентичен начин го опишува тешкиот живот на Македонецот, додека, пак, недовршениот роман
Горјани, од кој фрагменти се објавени на српски јазик во сп.
Јужна Србија во 1939 г., е хроника на историските настани (дадени низ фикциска визура) во Македонија од средината на деветнаесеттиот век до одржувањето на Берлинскиот конгрес во 1878 г. Во спевот
Седиот крал, кој според Б. Ристовски претставува прилог кон вториот спев
Српски поколенија, Брадина има амбиција да биде истовремено и поет и историски летописец. Во нив, иако не е прифатлива неговата „национална идеологија“ од која како великосрпски воспитаник не може да се оддалечи, сепак е прифатлива неговата „слободарска апотеоза на македонскиот народ со симболи какви што ги диктирало времето“ (Стојановска-Друговац 1994: 34).
Посебно ја истакнуваме неговата соработка со разни весници и списанија, но и угледни научни зборници на скопскиот Филозофски факултет и на САНУ. Од особено значење се неговите историско-етнографски истражувања на Мијачијата и на животот и дејноста на нејзините истакнати претставници (Партенија Зографски, Ѓорѓија Пулевски) како и на делата на Петар Драганов, Крсте Мисирков и Димитрија Чуповски. (Ј. М.-Г.)