Опис на делото

Стихозбирката Песнарка на Томо Смилјаниќ – Брадина е значајна за македонската книжевна историја затоа што содржи песни пишувани на македонски јазик (мијачки дијалект) и е објавена во Скопје во осмата книга од едицијата „Библиотека Македонија“ што ја иницирал самиот автор.

Тематско-мотивската определба на песните се сведува на печалбарството, родниот крај, селската идила, обичаите и планинските пејзажи.

Песнарка е поделена на четири циклуси, од кои првиот насловен „Старовремски мотиви“, со песните „Бистра планина“, „Потник“, „Мамо, мамо“, „Сведни“, „Горо, горо ле зелена“, „Чекање“, „Моја судба“, и вториот циклус „Сед крал“, со поемите „Робје“ и „Српски потомци“, се испеани на мијачки дијалект со извесни отстапувања во „Српски потомци“. Останатите песни и поеми од другите два циклуса од збирката се на српско-хрватски јазик.

Варијацијата на насловот на првиот циклус од Песнарка (во ракописната верзија), од „Народни мотиви“ во „Нашинки“ и на крајот во „Старовремски мотиви“, според толкувањето на Б. Ристовски, јасно асоцира дека другите песни во стихозбирката не се „нашинки“, односно дека се „туѓинки“ (Ристовски 1980: 135).

Песните од стихозбирката се пишувани под видливо влијание на народната поезија со многу романтичарски сегменти („Бистра планина“) и стремеж за строго римувани стихови („Сведни“). Песните се полни со содржина, а обраќањето на поетот понекогаш е во директна форма („Мамо, мамо“). Во некои песни преовладува лириката („Патник“), други се со сентиментален призвук кој наликува на граѓанските песни („Чекање“), трети, со својот стилски модел ја антиципираат социјалната поезија („Моја судба“). За разлика од песните во кои е присутно влијанието на усното творештво, во поемите тоа изостанува. Тие се пишувани во раскажувачко-епски дванаестерец, што претставува своевиден нагорен дострел за историјата на македонскиот стих.

Според толкувањето на Блаже Ристовски, поттик за ангажманот на Смилјаниќ – Брадина да пишува на македонски е тоа што токму во тој период дошол во допир со статиите на Мисирков, а воедно во тоа време е објавен и македонскиот Абецедар во Атина, како и неговото проучување на творештвото на Партениј Зографски, Ѓорѓи Пулевски и Димитрија Чуповски. Иако неговата збирка не е целосно напишана на македонски јазик и е скромна по обем, сепак претставува важна нишка за следење на континуитетот на македонската поезија. (Ј. М.- Г.).


Библиографија

Друговац, Миодраг. 1990. „Томо Смилјаниќ – Брадина“ во: Историја на македонската книжевност XX в. Скопје: Мисла, стр. 101-105.; Ристовски, Блаже. 1980. „Томо Смилјаниќ – Брадина“ во: Македонскиот стих 1900 – 1944. Истражувања и материјали I. Скопје: Мисла, стр. 133-164.; Стојановска, Јованка. 1994. Книжевното и научно дело на Томо Смиљаниќ – Брадина. Скопје: Матица македонска.