РАЦИН – СОЛЕВ, КОСТА (22.XII 1908, Велес – 13.VI 1943, Лопушник) македонски писател, еден од основоположниците на современата македонска поезија и проза. Познат е по прекарот Рацин, што го зел од својата сакана Рахилка Фирфова – Раца (за што пишува во една од картичките испратени до неа). Објавувал и под псевдонимот Невен Пејко, што го зел од неговата подоцнежна сакана – Невенка Вујиќ.
Роден е во сиромашно грнчарско семејство, поради што бил принуден да го напушти редовното образование и самостојно да се образува. Во 1924 г. се приклучил на СКОЈ и на Синдикатот на Југославија, каде во 1926 г. бил ангажиран како дописник на весникот Организиран работник (орган на синдикатите под раководство на Комунистичката партија на Југославија). Во 1928 г. учествувал во работата на КПЈ во Дрезден, поради што бил уапсен и пуштен. Во 1929 г. го служел воениот рок во Пожаревац. По разбивањето на партиската организација во Македонија (поради диктатурата во Југославија 1929 г.) и нејзиното обновување во 1933 г., Рацин повторно се активирал во нејзините редови, овој пат како уредник во весникот Искра, од кој излегуваат само два броја. По провалата во 1934 г. бил уапсен и осуден на четири години робија во Сремска Митровица. Во затворот се обидел да состави речник на македонскиот јазик и го превел Комунистичкиот манифест на македонски. По амнестијата, од 1935 г. работел во печатницата на весникот Правда во Белград и пишувал текстови потпишани со иницијали и други псевдоними. Во времето на судирот на книжевната левица, бидејќи одбил да напише статија против Мирослав Крлежа, бил исклучен од Партијата и дополнително, поради критика на партиското раководство, бил казнет со бојкот. Од јануари до март 1941 г. бил затворен во логорот „Меѓуречје“, јужно од Ивањица. По нападот на Германија врз Југославија бил мобилизиран и испратен на Кумановскиот фронт, но по неполн месец бил заробен. Откако успеал да побегне, заминал во Софија каде што живеел со Коле Неделковски и Волче Наумчевски. Во Софија работел како железнички работник. По смртта на К. Неделковски се вратил во Македонија и работел во Народната библиотека во Скопје. Во првите месеци од 1942 г. се тргнал бојкотот над Рацин, но не е примен повторно во Партијата. Во септември 1942 г. бил уапсен од бугарската полиција во Скопје и бил интерниран во с. Корница, Неврокопско. Во 1943 г. успеал да побегне, се вратил во Скопје од каде што се приклучил на партизаните. Во одредот „Кораб“ го уредувал весникот Илинденски пат и подготвил две збирки македонски народноослободителни песни. На 13 јуни, додека одел кон партизанската печатница, бил застрелан од свој соборец – партизан. Сè уште не се разјаснети околностите за неговата смрт (дали станува збор за несреќен случај или нарачана ликвидација). По ослободувањето, Рациновите посмртни останки се пренесени во Спомен-костурницата во Велес, а неговата родна куќа е прогласена за Музеј на Рацин. Секоја година, околу датумот на неговото загинување, на планината Лопушник се одржува планинарски марш во негова чест.
Од Рациновото рано книжевно дело, зачувана е во ракопис збирката
Антологија на болката (1928), напишана на српско-хрватски и бугарски јазик. Исто така, зачувани се и картичките, кои се чуваат во Архивот на Македонија. Истата 1928 г. во загрепското сп.
Критика Рацин ги објавил првата песна „Синови на глад“ и првиот прозен прилог – исповедта „Резултат“
. Од мај до октомври 1930 г., во сараевското сп.
Моќ,
објавил уште четири песни: „Од фабриката“, „Во предвечерјето“, „Во челичен строј“ и „Да се биде човек“. Во 1932 г. Рацин, заедно со коавторите – студентите Јован Ѓорѓевиќ и Александар Аксиќ ја објавиле стихозбирката
32 во Скопје (на српско-хрватски јазик), а истата година неговиот расказ „Во каменоломот“ добива награда од загрепското сп.
Литература. Во истото списание следната година се објавени и фрагменти од изгубениот роман
Афион на српско-хрватски јазик. Првата песна на македонски јазик, „До еден работник“, ја објавил во загрепското сп.
Книжевник неколку години подоцна, во 1936 г. Потоа следат и објавите на другите негови раскази:
„Тутуноберачи“ (1937,
Наша стварност), „Пладне“ (1937,
Култура), „Еден живот“ (1937), „Златен занает“ (1939,
Наша реч), како и „Татко“ и „Радоста е голема“, кои се од подоцнежен датум, на српско-хрватски јазик. Во значајната 1939 г., и за Рацин и за македонската книжевна историја, ја објавил стихозбирката
Бели мугри (во Загреб, на македонски јазик), која се смета за камен-темелник на современата македонска уметничка поезија. Рацин се занимавал и со литературна критика и напишал неколку статии во кои се залага за естетска димензија на книжевното дело: „Блазираните глупости за насмевката на Мона Лиза“ (1939,
Уметност и критика), „Анѓелко Крстиќ пред судот на Ж. Пламенац“ (1939,
Уметност и критика), „Развитокот и значењето на една нова наша книжевност“ (1940), „Реализмот на А. Крстиќ“ (постхумно објавена) и „Уметноста и работничката класа“ (постхумно објавена). Тој е и меѓу првите македонски автори што пишувал филозофски статии: „Хегел“ (1931, во загрепското сп.
Литература) и „Значењето на Хегеловата филозофија“ (1939, во белградското сп.
Млада култура). Рацин е првиот Македонец што го проучувал богомилското движење, на кое му посветил три труда: „Драговитските богомили“, „Богомилите“ (напишан на македонски) и „Селското движење на богомилите во средниот век“ (1939, во сп.
Народна читанка).
Во чест на Рацин, од 1964 г. во Велес секоја година се одржува поетската манифестација „Рацинови средби“, додека во Хрватска се одржува манифестацијата „Денот на Рацин“, со пригодни чествувања во Загреб и Самобор. Во 2016 г. снимена е македонската ТВ серија „Црваниот поет“ посветена животниот пат на поетот, во режија на Никола Поповски, по сценарио на Сашко Насев, која прв пат е емитувана во 2023 г.
(Ј. М.- Г.)