ИЛИЌ, И. ВОИСЛАВ (1.V 1916, с. Баништа, Дебарско – 21.IV 1988, Белград) е поет, есеист, научник и педагог, познат под псевдонимите В. И. – Најмлаѓи, Воја Илијашевиќ, В. Вардарски, Монах Тигровски, Војислав Ќили, Voil, В. Тантурски, Чен Кај Шек и др.
Роден е во с. Баништа, во фамилија која во Дебар била позната по презимето Тантуревци, добиена по стрико му Јован Тантуре (народен поет), за којшто подоцна Илиќ напишал научна статија. На шестгодишна возраст неговата фамилија се преселила во Битола, каде што Илиќ во 1935 г. ја завршува Реалната гимназија. Образованието го продолжува во Белград и во 1939 г. дипломира на групата Југословенска книжевност и јужнословенски јазици, стекнувајќи се со титулата професор. Од гимназиски денови членувал во Литературниот клуб во Битола, подоцна се активирал и во Културно-просветното друштво „Вардар“ и во Студентското здружение на српско-хрватска и југословенска книжевност при Филозофскиот факултет на Универзитетот во Белград. Одредено време работел како коректор и соработник во в. Правда во Белград, а потоа станува професор во Тринаесеттата белградска гимназија, каде што, со мал прекин, работи сè до 1957 г. По ослободувањето на Скопје бил испратен од бригадата „Јане Сандански“ во Македонија, каде што станува референт на комисијата за македонски јазик при Поверенството за просвета на НР Македонија. Во рамките на службата ја изработил терминологијата на македонската граматика и почнал да пишува македонска граматика за I клас. На почетокот на 1945 г. бил испратен да работи како уредник во Културната рубрика на в. Нова Македонија, а потоа се вратил повторно во Белград и работел во Радио Белград, потоа во Тринаесеттата и Втората гимназија и во Воената академија. По стекнувањето на докторската титула бил избран за доцент, а подоцна и за професор на Филозофскиот факултет во Нови Сад, каде што останува сè до својата смрт, предавајќи истовремено Македонски јазик и на Универзитетот во Белград и на Филозофскиот факултет во Приштина. Илиќ бил член на редакциите на сп. Книжевност и јазик (1954 – 1956) и Трибина (1963 – 1964).
Пишува и објавува поезија на српско-хрватски јазик уште во гимназиски денови во списанијата и весниците:
Јужна стража,
Нов сјај,
Божур од Косово,
Светло, Поглед на југ, Правда, Вардар, Време и други. Стихови на македонски јазик пишувал уште од 1935 г., од кои успеал да објави само две стихотворби: „Туѓина тага голема“ во сп.
Светлост од Скопје и „Тутунари“ во
Зборник 39 од Љубљана. Уште во 1933 г. подготвил збирка од веќе објавени стихотворби со наслов
Сплет од соништа, но управата на гимназијата го спречува издавањето на збирката. Другите песни што ги пишувал на македонски јазик во Битола изгореле за време на војната. Првата збирка поезија
Распнувања и умирања која ја објавил во 1935 г. во Битола на српски јазик наидува на добар прием од критиката. Потоа следи збирката поезија
Луда крв која поради бунтовничката содржина и затоа што содржела пет песни на македонски јазик била цензурирана и препечатена без македонските песни, со наслов
Аспекти (1936, поезија со социјална тематика на српски јазик). Поетите В. И. Илиќ, К. С. Рацин и Ц. Стефанов во тој период ја подготвуваат заедничка збирка
За осветлување на патиштата (со предговор од поетот Х. Попсимов), придружена со музички композиции од македонски композитори, за да помине книгата пред цензурата како песнарка, но поради прогонот на Рацин идејата не била реализирана.
По ослободувањето Илиќ ги објавува збирките: Огнени сигнали (1948, сонетен венец со тематика од НОБ на српски јазик); Време и река (1975, лирска мисловна поезија со мотиви од родниот крај на македонски јазик); Небото може да чека (1984, рефлексивна поезија за егзистенцијалните човечки проблеми на српски јазик).
Постхумно се објавени и една драма со наслов Револуционер (1988) од дојранчанецот Димитар Хаџидинев (соборецот на Гоце Делчев), која Илиќ ја пронашол истражувајќи по софиските архиви, и неговата авторска драма Раце над езерото (1990) со македонска тематика. Стојан Ристов, како ревносен проследувач на Илиќевото творештво, е заслужен за целосното согледување и афирмација на поетовото дело во македонската културна средина. Под негова стручна редакција, избор и превод постхумно се објавени неколку збирки поезија од оставината на Илиќ, како што се: Стари песни (1996), Живи птици (1996) и Лирски букет (1997).
Воислав И. Илиќ потекнува од битолскиот писателски круг во кој членувале И. Точко, Р. К. Петковски и други писатели кои позитивно се изјасниле за неговите први поетски збирки – едни од ретките од периодот меѓу двете светски војни. Според оценките на книжевната критика, тој е оформен и признат поет од Македонија во 30-тите години на XX век (Ристовски 1980: 2012). (Ј. М.- Г.)