ЈОВКОВ, АРСЕНИЈ (25.III 1884, с. Селци, Струшко – 14.IX 1924, Горна Џумаја) македонски револуционер, општественик, емигрант, поет, публицист, зачетник и уредник на весници, филмски сценарист, познат по прекарите Пејко Селички и Стар Чинар.
Се образувал во Дебар и Битола. Уште како млад се вклучил во револуционерното движење и зел активно учество во Илинденското востание како секретар во реонска чета. По пропаѓањето на востанието емигрира во Грција, каде поминал три месециво затвор во Лариса, а оттаму преминува во Варна. Во 1904 г. работел во Народната банка во Варна и го иницирал в. Слободен глас. По негова иницијатива основана е Дебарската благотворна дружба (1909), чиј прв претседател е самиот тој и нејзиниот печатен орган – весникот Дебарски глас. Под принуда војувал во Балканските војни и во Првата светска војна. За време на бугарската управа на Косово бил градоначалник на Приштина. Како приврзаник на левицата предводена од Димо Хаџи Димов дал значаен придонес во издавањето на весникот Илинден (официјален орган на Илинденската организација, кој континуирано излегувал од 1921 до 1923 г., а потоа бил забранет и повторно активиран под имињата Пирин, 20 јули и пак под првобитното име под кое излегувал сè до 1926 г.), во кој биле печатени неговите публицистички прилози: „Македонската емиграција“, „Нашиот одговор“, „Доста крв!“, „Македонците и последните настани“, „Зошто робуваме“ и др. Во 1924 г. во в. 20 јули го објавува своерачно напишаниот Меморандум во име на раководното тело на Илинденската организација, преку кој ја демаскира бугарската завојувачка политика кон Македонија. Неколку месеци подоцна, заедно со Ангел Динев и Димитар Аговски го објавиле познатиот Мајски манифест на ВМРО (Обединета) во свечениот број на весникот посветен на празникот Илинден, во кој недвосмислено ги разграничиле вистинските интереси на македонските патриоти од интересите на бугарските квазипатриоти. Поради своите активности бил свирепо ликвидиран на 14 септември 1924 г. во Горна Џумаја од платениците на бугарската влада.
Првите литературно-творечки пориви ги пројавува уште од училишните денови во Битола во интервал од 1900 до 1903 г., пишувајќи песни на бугарски јазик кои се зачувани во збирката во ракопис со љубовни мотиви
Стихотворби пишувани во Битола, и поемата со тема од македонскиот живот –
Проклетина, која ќе биде објавена во 1905 г. во Варна. Како непосреден учесник во Илинденското востание, дел од својата лирска поезија пишувана во 1903 г. („Ветрот повева“, „Исповед“, „Разделба“, Зимски маченици“) ја посветил на личности и случувања поврзани со овој историски чин.
Од варненскиот период (1904 – 1909), кој бил една од најпродуктивните фази од неговиот творечки и општествен живот, датираат и митолошката поема Јасногрејци (1905) и песната „Ода на цар Борис“ – наградена на конкурсот на в. Вечерна пошта (1907).
Во 1912 г. ја завршува третата своја поема
Љуље Бургаз, посветена на обичните војници и нивните семејства. Најзначајно негово дело е незавршениот роман во стихови
Илинден пишуван од 1914 до 1924 г. и фрагментарно објавуван на страниците на софискиот в.
Пирин во 1924 година. Романот бил замислен како трилогија – хроника на крвавите ослободителни борби на македонскиот народ, од кој се завршени само првиот дел Пролог и четири пеења, и се чува во Архивот на МАНУ. Автор е на сценариото на документарниот филм
Македонија во слики (1923), кој го прикажува пренесувањето на посмртните останки на Гоце Делчев од куќата на Михаил Чаков во црквата „Света Недела“ во Софија – кој денес се чува во Архивот на Македонија во Скопје. Автор е и на недовршеното сценарио за играниот филм
Илинден. Критиката забележува дека Јовков се истакнува како „највредносен поет на Илинденската епопеја“ (Тоциновски 2002: 16). (Ј. М.- Г.)