• Наслов

    ИЛИНДЕН

  • Автор

    АРСЕНИЈ ЈОВКОВ

  • Година на издавање

    (1924)

  • Категорија

    современа книжевност

  • дело роман

Опис на делото

ИЛИНДЕН  е роман во стихови за македонскиот живот од Арсениј Јовков, кој поради неговата прерана смрт не е достапен во целосна форма. Делови од романот се објавени во в. Пирин од 16 март 1924 г., придружени со белешка дека романот е завршен и подготвен за објавување, но денес за јавноста достапни се само прологот и четирите пеења од првиот дел. И покрај нецелосноста, романот е значаен за книжевната историја како сведоштво за животот на Македонците во предвечерјето на Илинденското востание.

Од краткиот предговор на авторот на ракописот Илинден (кој денес се чува во Архивот на МАНУ под број АЕ 11/I/1-153) дознаваме дека темата на романот во стихови (замислен во три дела) се однесува на ропската епоха на Македонија, најсилно изразена во Илинденското востание, во коешто и самиот автор зел активно учество.

Прологот на романот е посветен на легендарниот православен заштитник – јунакот Крали Марко, опевајќи ги неговите подвизи, снемувањето на силата во борбата со Турците и повлекувањето во пештерата. Дејството на првиот дел е сместено во китните полиња на високото Стогово, поточно во селото Креснец од кое потекнуваат главните протагонисти: јунакот Војдан – синот единец на богатиот добротвор Ѓуро и неговата свршеница Вида, убавото сираче кое израснало под заштита на Ѓуро. Нивната љубов не ја нарушило ниту заминувањето на Војдан во Бигорскиот манастир, ниту завештанието што Ѓуро го дал пред строгиот игумен Софрониј. Воден од љубовните чувства, Војдан на крајот од второто пеење се враќа во родното село за да го посети своето верно либе. Во третото пеење се открива лошата вест дека лихварот и турски побратим Симо меанџијата го кодоши даскалот Ѓуро (кај кого се крие Војдановата свршеница Вида) кај злогласниот качак Зиљаљ кесеџи. Залудни биле поплаките на Ѓуро кај кадијата во Охрид, кој никогаш не ги штител рисјаните. По повеќе неуспешни заседи, една ноќ Ѓуровиот дом бил опколен од разбојници и Ѓуро, не можејќи да ја заштити, ја наговара Вида да избега и да се засолни, со зборовите дека Војдан ќе ги одмазди. Ѓуро водел нерамна битка со качаците, загинувајќи во пеплосаната куќа. Кога разбрал за овој немил настан, Војдан се одметнал и се одмаздил за сите неправди и зулуми направени врз неговите блиски и врз целото село. Како заштитник на сиромашните и обесправените Војдан е споредуван со Крале Марко, кој по пет века заспаност повторно се буди за да го земе под закрила напатениот македонски народ. Во духот на романтичарскиот занес, јунакот Војдан всушност е прогласен за инкарнација на Марко Крале преку извикот од ехото на карпите „жив е Крали Марко“ (Јовков 2008: 273), со што завршува првиот дел од романот.  

Романот во стихови или епската поема Илинден, напишана на бугарски јазик како и останатите негови лирски и публицистички творби, е најиздржаната книжевна творба на Јовков. Пишувана е во дванаестерец и е поделена во строфи со вкрстена рима во стилот на македонската народна песна.

Според критиката, Јовковиот Илинден претставува „најавтентичниот глас на Илинден ... уникатен, исклучителен, оригинален, неспоредлив и недосеглив“ (Тодоровски 1995: 96) и поради сето тоа како и поради деталните описи на тешкиот животот на угнетените Македонци пред Илинденското востание, романот е драгоцен придонес за македонската книжевност. Според мотивите од овој роман во стихови, Јовков напишал и сценарио за играниот филм Илинден, кое исто така останало недовршено. (Ј. М.- Г.)


Библиографија

Друговац, Миодраг. 1990. „Арсениј Јовков“ во: Историја на македонската книжевност XX век. Скопје: Мисла, стр. 64-66; Јовков, Арсениј. 2008. „Илинден“ во: Македонски дводомни писатели. Приредил Т. Тодоровски. Битола: Микена, стр. 227-274; Митрев, Димитар. 1987. „Одразот на Илинденското востание во уметничката литература“ во: Избор од студии и есеи. Скопје: Македонска литература, стр. 45-87; Тодоровски, Гане. 1995. „Арсениј Јовков – поетски глас на Илинден“ во: Слова за делниците. Скопје: Мисла, стр. 88-106.