КОВАЧЕВСКИ, ЗОРАН (3.IV 1943, Светозарево – 21.I 2006, Охрид).
Роден е во Србија, каде што ги завршил студиите по право на Белградскиот универзитет. Поголемиот дел од животот го поминал во Охрид како вработен во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ и како судија во Основниот суд. Бил член на ДПМ од 1957 година.
Започнал да пишува раскази уште како ученик, за што ја добил првата награда од детското списание „Змај“. Заедно со Живко Чинго бил еден од основачите на списанието „Јужен бран“ при Охридската гимназија. Некои негови раскази биле наградени и на анонимните конкурси на весниците „Студентски збор“ (1967) и „Нова Македонија“ (1974), додека на конкурсот на издавачката куќа „Мисла“ е издвоен и објавен краткиот роман Историја на светото дело. Од критиката е оквалификуван како „најдоследен охридски летописец“ (Ѓурчинов 2008: 5) поради начинот и темите што ги обработувал во книжевните дела, кои секогаш се однесувале на животот на неговите сограѓани.
Неговата прва збирка раскази
Охридски приказни говори за животот во градот, за сфаќањата, обичаите и карактерите на неговите жители прикажани преку еден специфичен стил во кој се преплетуваат елементите на народната приказна со реалното раскажување (на пр., расказот „Добрина“ кој со својата стилска и композициска изразност потсетува на расказот „Најубавиот ден на Зурло“ на Ж. Чинго). Неговиот прв роман
Семејна фреска претставува фреска за генеалошкото стебло на едно македонско семејство, во која авторот смело воведува голем број јунаци надвор од роднокрајното поднебје (Белград) и преку нивните поединечни димензии ја образува згуснатата слика на историско-општествените текови. Како наратор во романот се јавува ликот на Веселко – младиот човек кој е дојден од Охрид да студира право во Белград, а се јавува како наратор и во следниот роман –
Летачи на метли. И во двата романи доминираат ликовите од референцијалната стварност, идеалисти и сонувачи ограничени од своето домашно и општествено воспитување. Романот
Летачи на метли им е посветен, како што вели самиот автор, „на оние за кои во народот се вели дека им лета умот“ (Ковачевски 1980: 5), на оние сонувачи и мечтатели кои ги откриваат своите необични, имагинарни и смешно-тажни истории преку заложбите за правда, благосостојба, добрина, среќа и убавина. Јунаците – неостварени идеалисти се во центарот на вниманието и на неговата збирка раскази
Аристотел од Ресен.
Како во жанровска така и во тематска насока, опусот на Ковачевски не е еднодимензионален. Тој е автор и на два романа – Одмазда и Историја на светото дело, кои му припаѓаат на жанрот историска белетристика. Во романот Одмазда се зборува за формирањето на ВМРО, за историјата на солунските атентатори и за нивните душевни страдања. Романот Историја на светото дело е посветен на долгата, неизвесна и полна со многу непредвидливи тешкотии потрага на македонските интелектуалци по својот идентитет, преку главниот лик со конспиративно име Јасон.
По својот книжевен израз прозата на Ковачевски претставува слоевит градски говор на младите со непретенциозна интелектуалност, и затоа критичарот Христо Георгиевски неговите романи ги сместил во таканаречената „млада проза“ (Георгиевски 1983: 326-327) или „проза во фармерки“ (според терминологијата на Александар Флакер). Ваквиот „тип на раскажување е присутен и во романите: Кратката пролет на Моно Самиников на Димитар Солев, Вкусот на праските на Влада Урошевиќ, Дува на Божин Павловски“ (Друговац 1990: 623). (Ј. М.-Г.)