• Наслов

    АРИСТОТЕЛ ОД РЕСЕН

  • Автор

    ЗОРАН КОВАЧЕВСКИ

  • Година на издавање

    (1984)

  • Категорија

    современа книжевност

  • дело расказ

Опис на делото

Аристотел од Ресен е втората збирка раскази од Зоран Ковачевски, во која авторот низ една понекогаш лирски обоена, понекогаш едноставно интонирана реченица ги плете приказните за препознатливото охридско-ресенско поднебје, доведувајќи го некогаш во релација со митологизиран, а другпат со современ (морален и егзистенцијален) контекст.

Збирката се состои од дваесетина одделни раскази (некои од нив се среќаваат во идните негови збирки раскази), кои како општа карактеристика (тоа се однесува на севкупното негово творештво) ја имаат свртеноста кон човекот, кон неговите морални вредности и судови изречени во форма на иронични и гротескни прекори поради нивното кршење.

Ковачевски е ангажиран автор кој не пропушта да ги постави прашањата: како да се справиме со промените во современото општество и како да ги зачуваме вредносните системи кои постоеле од дамнина и кои се неминовно потребни за подобра иднина. Во таа насока најилустративни се расказите „Бегство на Антарктик“ (во кој се осудува бегството од себеси и од најблиските затоа што осаменоста често кобно завршува) и „Алимпие и бикот“ (во кој самобендисаниот помпезен поет, боемот Алампие со текот на годините се отуѓува од творечкото кредо, преобразувајќи се во бик кој залутува во арената во која гледачите рамнодушно го набљудуваат неговиот неславен крај).

Јунаците од расказите на Ковачевски постојано се во некаков конфликт со надворешниот свет, со инертното однесување на своите сограѓани, со дијалектиката на историското време, но и со самите себеси и со своите претенциозни претстави за вредностите. Таков е ликот на интелектуалецот повратник од белиот свет во расказот „Аристотел од Ресен“ (по кој е насловена и целата збирка), кој има амбиција да ги едуцира своите сограѓани како што Аристотел ги образувал своите ученици, но набргу сфаќа дека тоа е невозможна мисија и потонува во сивилото на провинцијализмот.

За јунаците од збирката на Ковачевски целиот свет се наоѓа во постојано движење во кое се менуваат улогите и функциите на личностите, како и значењата на настаните во кои се вплетени. Таа дијалектика во која час сме на врвот, час сме на дното, час сме „господари“, час сме „играчки“ е основното филозофско кредо присутно во оваа збирка на Ковачевски. Него можеме да го забележиме во повеќе раскази („Ибн Харун“, „Враќање“ и др.) Истиот пресврт го има и во расказот „Александар и вазната, во кој се демитологизира историскиот успех на Александар Македонски, кој само со еден потег се претвора во илузија. Имено, ликот на Александар Велики со само еден допир на копјето ја претворил во прав посакуваната вазна од дното на езерото и со таа своја постапка придонел да се распрсне и неговата замисла да создаде светско царство како хармонична заедница на рамноправни народи и култури.

Од критиката е забележано дека во оваа збирка раскази доминира таканаречениот „интелектуален раскажувач“ (Друговац 1990: 623), во чие раскажување е втемелен градскиот говор со чести изневерени проекции на случувањата кои некогаш го доведуваат текстот до гротескен и апсурден крај. Според критиката, во расказите Ковачевски е посуверен во владеењето со уметничката постапка која му овозможува „преведување на реалистичкото проседе во алегориско-симболично“ ( Георгиевски 1983: 328). (Ј. М.-Г.)


Библиографија

Георгиевски, Христо. 1983. „Депетизација на животот“ во: Македонскиот роман 1952 1982. Скопје: Мисла, стр. 326-332; Друговац, Миодраг. 1990. „Зоран Ковачевски“ во Историја на македонската книжевност ХХ век. Скопје: Мисла, стр. 621-623; Ѓурчинов, Милан. 2008. „Предговор“ во: Ковачевски Зоран. Аристотел од Ресен. Битола: Микена, стр. 5-12; Мицковиќ, Слободан. 1983. „Зоран Ковачевски: ‘Охридски приказни’“ во: Време на песната. Скопје: Наша книга, стр. 187-188; Чаловски Тодор. 1980. „Многустрана опервација“ во: Летачи на метли. Мисла: Скопје.